Ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ не откриваат кои ќе им бидат адутите на пратеничките листи преку кои ќе се бара доверба од граѓаните на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември. Последниот рок до кога листите со кандидати за пратеници треба да се достават до Државната изборна комисија е следниот петок, 11 ноември, на полноќ, а на 18 ноември ДИК мора да ги објави во дневен печат.
Од најголемата опозициска партија велат дека в недела, на партиски конгрес, ќе ги објават кандидатските листи за пратеници.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, истакна дека се водат целодневни разговори со коалиционите партнери и со граѓаните.
– Ние нашите кандидатски листи ќе ги соопштиме на 6 ноември, в недела, за кога е закажан конгресот на партијата. Во тек се целодневни разговори со коалиционите партнери, но, пред сè, најголемо внимание посветуваме на средбите со граѓаните, кои ќе бидат дел од заедничките листи. Дотогаш не би сакал да изнесувам други детали – рече Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, информираат дека листите ќе ги објават на некој поголем собир, но сè уште дефинираат кога и како ќе изгледа тоа.
Засега само ДПА ги објави кандидатските листи, на кои лидерот Мендух Тачи е носител во шестата изборна единица.
Еве што уште остана да се сработи за изборите на 11 декември:
- 11 ноември – ДИК треба да ги објави описите на изборните единици;
- 18 ноември – ДИК мора да ги објави во дневен печат листите со кандидати за пратеници;
- 21 ноември – Почнува изборната кампања, а завршува на 9 декември 2016 година во 24 часот;
- 22 ноември – ДИК ќе им го достави избирачкиот список на политичките партии, а тие, во рок од пет дена, до 27 ноември, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци;
- 27 ноември – ДИК го потпишува избирачкиот список;
- 11 декември – Предвремени парламентарни избори.