Членовите на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, Никола Попоски и Илија Димовски, презентираа манифест за единствена Република Македонија, во просториите на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Во документот се претставува „визијата“ на партијата за државата, која, како што се вели, „претставува единствена матична земја на Македонците, каде обединети живеат со сите граѓани кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите народи“.
Според Милошоски, „патоказот“ кој беше промовиран пред неколку дена се однесува на актуелната политичка состојба и на надминување на кризата, додека манифестот е документ со насоки, начела и со принципи кои се однесуваат за владеењето во следните 15 години.
„Поттикнати од силна желба да живееме во успешна земја со пазарна економија, заснована врз знаење, умеење, претприемништво, креативност и праведност, предлагаме национално обединување околу манифестот за единствена Република Македонија“, изјави Милошоски.
Тој истакна дека прв принцип на манифестот е обединување околу националниот интерес, втор принцип е интеграција во едно општество, трет принцип е владеењето на правото за успех на државата и четвртиот принцип е пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин.
За реализацијата на мисијата, членот на извршниот комитет Никола Попоски го истакна воспоставувањето на редовен дијалог помеѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес.
Во однос на името, тој истакна дека нема да се прифати промена на Уставот за промена на уставното име.
„Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани кои ќе излезат на референдумот да се согласат со можното решение“, изјави Попоски.
Членот на извршниот комитет Илија Димовски изјави дека мора да се спроведе попис за квалитетно планирање на политиките, како и за конструктувен дијалог на меѓуетнички теми.
„Пописот мора да е статистичка, а не политичка операција кој ќе се води строго според методологијата на европската статистичка агенција Еуростат и на Обединетите нации“, изјави Димовски.