Политичката хајка против градоначалникот на Битола, Владимир Талески, не ја наруши неговата здравствена и душевна состојба, потврдува Борче Димитровски, првиот човек на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
На денешната прес-конференција, запрашан за физичкото и за психичкото здравје на Талески, Димитровски вели дека е во постојан контакт со него и дека според разговорите што ги воделе, негов впечаток е дека притворениот градоначалник се чувствува добро.
– На јавноста веќе одамна ѝ е јасно за што се работи. СДСМ, немајќи други начини демократски да се избори за доаѓање на власт, континуирано работи на дискредитација на владејачката партија на секаков начин, па дури и со политички диригирани хајки преку своите инструменти – рече Димитровски.
Опозициската ЛДП од Битола и денеска најави прес-конференција на која ќе побара оставка од Талески.