„СДСМ и „Сорос“ вчера се обидоа да го оспорат правото на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да изберат свој лидер“. Ова е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за вчерашните случувања на изборите за нов претседател на Студентскиот парламент на УКИМ, кој денеска го соопшти членот на владејачката партија, Драган Данев.
Тој обвини дека СДСМ и „Сорос“ се обиделе своите намери да ги реализираат на највалкан начин, преку неколкумина поддржувачи на кои, според Данев, им било наредено да предизвикаат насилни инциденти за време на гласањето.
„Хулиганите на СДСМ и на „Сорос“ се обидоа да спречат да се избројат гласовите на студентите кои излегоа да изберат свој лидер. Со ваквото насилничко однесување, СДСМ и „Сорос“ покажаа дека не ги почитуваат студентите и подготвени се да удрат по сите кои немаат намера да ја поддржат нивната деструкција. СДСМ и „Сорос“ покажаа дека не ги интересира програма на кандидатите за претседател на УКИМ и самиот избор, туку ги интересира само оспорувањето на изборот“, рече Данев.
Тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува „присебната и професионална реакција на полицијата“, која не дозволила ситуацијата да ескалира и не подлегнала на „провокациите и навредите упатувани од активистите на СДСМ и Сорос“.
„ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува и присебноста на СПУКМ, чии претставници не дозволија мала група хулигани да го оспорат демократското право на илјадници студенти“, додаде Данев.