ВМРО-ДПМНЕ: Заев да го каже името со географска одредница

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение побара од Заев да ја информира јавноста кое е тоа име, дали ќе има англиска транскрипција и дали тоа е само за меѓународна употреба?

„Дали, освен неговата подготвеност за име со географска одредница, постои подготвеност и за отстапки кои се однесуваат на промена на уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на Република Македонија? Македонските граѓани подолго време очекуваат одговори од Зоран Заев во врска со разговорите кои ги води за решавање на проблемот кој Република Грција го има со нашето име. За жал, Заев реши да излезе со делумна информација дури откако грчкиот министер за надворешни работи јавно му порача да го извести сопствениот народ за договорот прифатен во Давос на средбата со премиерот Алексис Ципрас“, се вели во партиското соопштение.

„Јавноста очекува одговор и на прашањето дали преименувањето на аеродромот и автопатот се дел од некаква поширока стратегија за решавање на спорот со соседна Република Грција или претставува еднострана отстапка од страна на Република Македонија. Владата донесе одлука, но досега нема појаснување ниту за придобивките од стратегијата, што отвора сомнеж дека повторно се работи за концесии од кои Македонија нема никаква корист. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека не постои иредентизам во името на аеродромот и автопатот“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.