“Внaтрешната градина” – Изложба на фотографии на Стефан Шашков

Сподели

 

Изложба на фотографии на Стефан Шашков, во Јавна соба, 6.ноември

Серијата фотографии “Внатрешната градина” на Стефан Шашков, се резултат на ненамерни фотографски медитации низ минливите и менливите моменти на реалноста, и по својот илуминиран светлопис, ја трансцендентираат истата таа реалност.

Тоа што старите сликарски мајстори го правеа преку четката, во овој случај направен е обид со фотоапарт, а “насликаните” фотографии го надминуваат медиумот во кој се создадени, визуелно асоцирајќи на делата на импресионистите.

Терминот “внатрешна градина” е често користен од трагачите по сопството, суфистите, алхемичарите и веќе застарениот Њу Ејџ, во контекст на прочистување на внатрешното битие од сите стратиграфски слоеви на илузиите, но и на знаењето и технологијата, за да се дојде до еден сопствен пристап кон естетичното во фотографскиот процес.

Препознавањето на одредени случајни визуелни констелации низ расцветаните полиња на субјективната реалност, низ кои еден романтичар и вљубеник во Гаја талка вдолж и вшир природата, перцепирана како едно мултимедијално естетско дело на Створителот, која со сета своја суровост но и милост, е бескраен инспиратив за трагачот низ бесконечното.
Кога во таа трансцендентално миризлива внатрешна градина на постоењето ќе го посееме семето на сопството, со тек на незапирливото време, ќе го видиме тоа што го носиме во себе.