Во Азербејџан затворена телевизија поради интервју со Фетула Ѓулен

Сподели

 

fethullah-gulenАзербејџанските власти затворија независна телевизија која планираше да емитува интервју со муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, за кого турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека стои зад неуспешниот воен удар во земјата, пренесе Радио Слободна Европа.

Апелациониот суд во Азербејџан ѝ ја одзеде дозволата на телевизијата АНС, постапувајќи по тужбата поднесена од Националниот совет за телевизија и радио. Законот им дозволува на властите да затворат медиуми кои емитуваат екстремистичка содржина.

„АНС зазеде позиција спротивна на стратешкото партнерство меѓу азербејџанскиот и турскиот народ со давањето поддршка на Фетула Ѓулен и неговите поддржувачи кои ги организираа крвавите настани, а кои доведоа до бројни жртви“, наведува Националниот совет за телевизија и радио во денешното соопштение.

Азербејџан и Турција имаат блиски односи, а Анкара го поддржува Баку во конфликтот со ерменските сепаратисти во отцепената област Нагорно-Карабах.