Во Кривичниот суд денеска треба да се изрече пресудата за обвинетите Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Влатко Сајкоски, Сашо Срцев и Анета Стефанова за случајот Титаник 2.
Ова ќе биде прва пресуда од четирите активни обвиненија за Мијалков. Тој е обвинет во случаите: „Таргет-Тврдина“, „Тортура“, „Трезор“, а осомничен е во истрагата за „Империја“. Ако судот донесе осудителна пресуда, казната затвор за Мијалков предвидена во Кривичниот законик е од една до пет години.
Во „Титаник 2“, за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Според обвинението на СЈО, Мијалков и Тачи се испазариле и успеале незаконски да биде поништено гласањето на локалните избори во Струмица во 2013 година. Во предметот беа обвинети и 5 управни судии, но Апелациониот суд ги спаси од кривичен прогон.