Во недела (13 ноември) во 12 часот од Музејот на Град Скопје ќе започне Маршот на толеранција – „Омразата е слабост“ во организација на Хелсиншкиот комитет во Скопје. Ви ја пренесуваме официјалната најава за настанот објавена на Фејсбук:
Политичката состојба во која се наоѓа македонското општество, особено последната деценија, предизвика многу негативни и насилни трендови кои се во спротивен правец на заштитата, гаранцијата и остварувањето на човековите права и слободи.
Меѓу другото, овие негативни трендови се однесуваат и на влошувањето на општествените, социо-културните, економските и политичките позиции на одредени групи и поединци во македонското општество, кои се ранливи и на маргините на општествената функционалност.
Наспроти таквата ризична динамика за сиромашните, Ромите, ЛГБТИ луѓето, луѓето со попреченост, бегалците, припадниците на помалобројните етнички заедници, постојано се искористувани за политичките секојдневни судири и се жртви на истите, при што принципот на еднаквост на сите граѓани на Република Македонија повеќе не е валиден и уставно загарантиран принцип. Тоа подразбира дека припадниците на овие ранливи и маргинализирани групи, постојано се изложени на насилство, кон нив е користен говор на омраза и тие се цел на дела од омраза. Оттука, со тоа што нивните фундаментални карактеристики се нападнати токму преку овие негативни трендови – на говор на омраза и дела од омраза – од овие групи и поединци се прават места на повреда, и некои идентитети се вреднуваат повеќе од некои други идентитети.
Поттикнати од овие негативни трендови и потребата од промена на јавниот сервис и јавниот дискурс, како и потребата од враќање на принципот на еднаквост, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ по осми пат го организира Маршот на толеранција, посветен на борбата против говорот на омраза.
Овогодинешниот Марш на толеранција е поддржан од Платформата против говор на омраза, од каде се спротивставуваат на културата на неказнивост и ги повикуваат надлежните државни институции: Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите да преземат итни и неодложни мерки за гонење и санкција на говорот на омраза.
***
Рута на маршот: Музеј на град Скопје – Улица Македонија – плато пред Универзитетот на ЈИЕ.
По завршувањето на Маршот на толеранција, ќе биде промовирана видео-кампањата против говор на омраза со слоган „Омразата е слабост“.
Маршот е поддржан од здруженијата кои се дел и од Платформата против говор на омраза:
ЛГБТИ Центар за поддршка, Фондација „Метаморфозис“, „Пактис“, Македонски институт за медиуми, „Цивил“, Младински образовен форум и „Мултикултура“.