Масовно и со повеќе спортски активности, лицата со телесен инвалидитет од Здружението “Мобилност” од Охрид, го одбележаа 3.декември, Светскиот ден на лицата со хендикеп.
Здружението “Мобилност”, потпомогнато од Организацијата на ветраните од одбраната и заштитата за општините Охрид и Дебрца, претпладнево, во нивното седиште – бараката и дворот кај Каналот, организираше средба, другарување и спортување, во што им се придружија и градоначалниците на општина Охрид, Константин Георгиевски, односно на општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Георгиевски ги поздрави, а Ногачески им ги врачи дипломите на најуспешните спортисти, од натпреварите во шах, пикадо,стрелаштво,табла и пинг – понг.
Пред присутните членови на “Мобилност”, претставници на други здруженија и невладини организации, за значењето на овој ден, зборуваше претседателот на општинското здружение на “Мобилност”, Венко Голабоски.
-Општеството треба да има посебен третман кон нас и да не не заборава. Особено што во нашите редови има не само лица со посебни потреби, туку и такви што имаат посебни способности кои можат да се искористат – потенцираше Голабоски.
Традиционално, на овој ден, заедно со лицата со телесен инвалидитет “Мобилност”, е и членството на Општинската организација на ветераните од одбраната и безбедноста.
-Ние како организација, ја презедовме обврската, да го исчистиме дворот, за што минатата сабота организиравме работна акција. Денеска, организираме спортски игри, за што им обезбедивме реквизите да се натпреваруваат во шах, пикадо,стречаштво,табла и пинг – понг, напомена претседателот на организацијата, полковник Добре Вељаноски.
Лицата со телесен инвалидитет “Мобилност”, се дел од Националниот Совет на инвалидските организации на Македонија, во кој членуваат Сојузот на слепи, Сојузот на глуви и наглуви, Сојузот на телесно инвалидизираните лица, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, Сојузот на инвалиди од војната, Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите и Сојузот на инвалиди на трудот на Република Македонија.
Во очи на одбележувањето на Светскиот ден на лицата со хендикеп, родителите на деца со посебни потреби, комбинирани пречки и инвалидитет (лица со попреченост), какви во Охрид ги има дваесетина, формираа посебно Здружене, со инспиративно име: “Тајните на моето срце”. Тие сметаат дека, на овој начин, полесно ќе ги заштитат и ќе ги реализираат потребите на овие деца, како: едукација, опрема, креативни работилници, организирање настани и слично.
Здружението веќе се обрати со писмено барање за поддршка до Црвениот крст во Охрид, каде целосно им излегуваат во пресрет, како и во локалната самоуправа, од каде, најверојано, ќе добијат просторија за делување. Тие бараат секаква помош, материјална и нематеријална, за, како што пшишуваат: “И нивните деца радосно да ја дочекаат и прослават Нова Година, во атмосфера со Дедо Мраз, и тие да имаат елка, пакетчиња и атмосфера на и тие да ја почувствуваат радоста на нивните искрени детски срца”.
“Бидете и вие дел од нивната радост”, пишуваат тие и укажуваат дека во нашата држава свеста на јавноста за посебните потреби е се уште слаба, што резултира со помало прифаќање и можности на општеството за лицата со посебни потреби. Особено што расте бројот на децата со посебни потреби: аутизам, даунов синдром и други специфични потреби.
Само на таков начин, овие деца, полесно, ќе се интегрираат, нема да се чувствуваат бескорисни, ќе бидат дел од нормалниот живот со сите негови аспекти: здравје, образование, култура и јавен живот.
Како што е редот и согласо позитивните законски прописи, Здружението подготви Програма, во која, еден од основните постулати e на децата да им се обезбедат различни основни животни вештини за образование и учење во посебна околина која се поврзува со семејната ситуација.
Исто така, тие се надеваат дека на овој начин, ќе се подигне јавната свест во однос на прашањето со децата со посебни потреби, а со тоа ќе се подобри и квалитетот на животот за овие деца, тие ќе добијат пофер позиција во општеството, со чувство на еднаквост, ослободена од било каква дискриминиација.
Здружението е подготвено да вклучи во своите секојдневни активности и стручни лица, како дефектолози, логопеди, психолози, физиотерапевти и други заинтересирани лица – волонтери”.
Веле Митаноски