Претставниците на политичките партии денеска во 14 часот во резиденцијата на САД во Скопје ќе ги продолжат преговорите за излез од политичката криза.
Oд делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека амбасадорот Аиво Орав е на консултации во Брисел, па на преговорите ќе присуствува еден од неговите заменици.
Во петокот попладне, по шестчасовни преговори, партиите не успеаја да постигнат конечен договор.
По завршувањето на преговорите, американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека е оптимист и дека имало извесен напредок. Тој напомена дека за време на викендот ќе им остават простор на партиите да размислат во однос на предложените опции.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, го поздрави напредокот на преговорите, но ги повика партиите итно да најдат одговор и за последното отворено прашање.
На преговорите, СДСМ бара целосни ингеренции за министерот за внатрешни работи, додека ВМРО-ДПМНЕ е за ограничени овластувања. Партиите веќе постигнаа договор за избирачкиот список, за ад хок телото за контрола на медиумите и за главен и одговорен уредник на јавниот сервис.