Во Скопје 10 мобилни тимови на Црвен крст ќе услужуваат стари, хронично болни и лица со посебни потреби

Сподели

 

Црвениот крст на град Скопје, во соработка со Пивара Скопје, почнува со логистичка поддршка на ранливи групи на територија на Градот. Во функција ќе бидат ставени 10 мобилни тимови кои ќе бидат на пет локации во градот, како и дополнителен тим за бездомните лица што ќе биде лоциран во Момин Поток.

„Тимовите ќе функционираат секој работен ден, од 08.30 до 12.30 часот, а нивна задача ќе биде да извршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и истите да ги достават до домовите на старите, изнемоштени лица кои живеат сами, хронично болните лица, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории на граѓани кои живеат во Скопје. Целта на оваа активност е да им се овозможи поддршка на овие лица, тие нема да имаат потреба да ги напуштаат своите домови и на тој начин ќе се намали ризикот од инфицирање со вирусот Ковид-19 (корона вирус)“, се вели во соопштението на Црвениот крст.

Тимовите ќе бидат составени од две лица, еден член за логистика и едно обучено лице за давање основна медицинска помош. Сервисната услуга што ќе ја обезбедуваат ќе биде бесплатна, а граѓаните ќе плаќаат само за артиклите или лековите што ќе треба да им се набават. Трошоците за работење на мобилните тимови ќе бидат покриени од Пивара Скопје, градот Скопје и општините во Скопје.

За повикување на мобилните тимови граѓаните ќе можат да ги користат следниве телефонски броеви:

  • Црвен крст Центар:                     070/297-166                        02/3115-029
  • Црвен крст Кисела Вода:             070/379456                         02/3211-417
  • Црвен крст Чаир:                        070/208383                         02/2621-924
  • Црвен крст Карпош:                    070/226136                         02/3068-806
  • Црвен крст Гази Баба:                 071/243078                         02/2529-153
  • Тим за бездомни лица                                                            02/3096-227

Дополнително, од утре почнуваат да функционираат и две СОС-телефонски линии на Црвениот крст, секој работен ден од 09.00 до 13.00 часот, на кои граѓаните ќе можат да добијат психо-социјална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба. Старите и изнемоштените лица на кои им е потребна психо-социјална поддршка можат да се јават на телефонскиот број: 075/352-246, а останатите граѓани на телефонскиот број: 071/379-119.