На никого нема да му биде јасно, уште долго време, како светот се најде среде оваа воена луња која ги витлосува законите, историјата, правата, моралите, уметностите, убавините, слободите, науките, еднаквоста… Капиталистите, од ова наше време го запалија светот со воен пожар, кој, се чини, ќе се претвоти во перманентна војна во која катадневно ќе се гине само зарада нивниот поголем профит и нивната поголема моќ.
Тие го осакатија човекот и го преобразија во негација на сè што беше достоинствено во него, го обесчестија до пасивно средство, го понижија да стане не машина, туку приврзок на машината. Тие во страдањето и понижувањето ја открија секоја смисла на човековиот труд и напор, го отуѓија човекот од секој одуховен начин на живот, го холивудизираа, го подредија, го заробија и создадоа, не бројка, туку нула од него. Поправо, тие го изобличија Човекот во карикатура на античкиот роб и му ги згазија сите елементи на неговиот човечки живот.
Да се дејствува против овие антихумани сили, да се дејствува антимилитаристички и антикапиталистички, значеше и значи да се стори пресметка со сите, овоземни и оноземни, општествени предрасуди и догми. Значеше и значи да се биде спротиставен на сите оние кои како граѓанска професија имаат да си поигруваат со човечките судбини како со играчки. Значеше и значи да се појавиш на глобалната политичка коцкарница со „слаби карти“, со недоходни антипрофитерски тези кои извираат од моралната проблематика. Пред иконостасите на капиталистичката традиција и пред куклите и фетишите на таканаречените граѓански идеали да говориш за морално-политичкото понижување на човекот како за најосновно политичко прашање, сето тоа значеше и значи да се впуштиш во крајно опасна работа и да се изложиш на линч кој завршува со палење на пропагандната клада на неолиберализмот.
Атомската бомба како круцијално доказно средство, заедно со постојаниот пораст на интелектуалната и морална помраченост претставува општа карактеристика во воената реторика и пропаганда. Просечниот граѓанин, насекаде низ светот, наполно се загуби во пасивното мртвило и во жалосно неснаоѓање во воениот простор и време. Идеолозите, медиумите, црквата и сите мегафони на еден општествен слој што уништува цели народи, единки, култури, цивилизации…, слој кој тргува со месото на ближниот, разни политички измамници и циници кои се занимаваат со доходовна купопродажба на политички уверувања, со еден збор, сè што претставува „елита“, води една милитаристичка и ревизионистичка политика и една тотална пропагандна војна, и тоа на еден крајно суров и безочен начин.
Околу институциите на неолиберализмот, владини, полувладини и невладини, се насобрале многу интересенти, кои не само што добро заработуваат како егзекутори на вистината и правдата, туку и уживаат во ликвидацијата на умот и разумот, сметајќи ги за најелементарна опасност за нивните господари од банкарските кабинети. Западноевропските „демократски принципи“, како што во овие наши воени денови јасно се гледа, се покажаа како необично згодна подлога за политичко-идеолошки тропања глупости од сите видови.
Над Европа, денес исто како пред стотина години, повторно лебди „баукот на ревизионизмот“. Оној ревизионизм кој беше основата на фашизмот. Затоа, денес сите се оптеретени и фокусирани на антикомунизмот, но и на читање и толкување на историјата од граѓанско-фетишистички позиции, па историските процеси ги сфаќаат и замислуваат како идеалистички и идеални констатни, составени од политики и завери на високата плутократија и нејзината политичка бирократија. И, секако, историјата за нив е бојно поле за дебелација и демонизација на социјализмот и место за пронаоѓање на „морални оправдувања“ за своите сегашни и идни милитаристичко-експанзионистички политики. Оттаму, олигархијата и нејзината слугинска граѓанска „интелигенција“ ни продаваат митологија и религиозна индоктринација наместо историја, а во општеството гледаат единствено како на место за сопствено енормно богатење.
Логична последица од ваквиот десничарско-конзервативен и неолиберално-милитаристички „светоглед“ е презирот кон идејата за слобода, правда и еднаквост, и политиките за задушување на сите оние процеси кои носат промени и прогрес за сите луѓе. Кој умее трезвено да мисли лесно може да заклучи дека оваа денешна воена бркотница во глобалнокапиталистичката крчма не води никаде, освен кон поништување и себепоништување на човекот како човек. Оттука, се чини дека човештвото е исправено пред радикалниот избор: или ќе се спротистави и ќе го промени досегашниот глобален човекојаден систем, или ќе остави плуторатијата да го изгори светот до темел.