Управниот одбор на Пошта на РСМ, каде од изутрина почна генерален штрајк, им понуди на синдикалните организации од 1 јуни годинава линеарно да се зголемат за 3.000 денари платите на 1.700 вработени од оперативниот дел (поштари, шалтерски работници и други), а од 1 август и на административните службеници.
-Откако предлогот ќе биде доставен официјално ќе биде разгледан од синдикалните одбори, ќе изготвиме спогодба и доколку се прифати понудата и се потпише спогодбата штрајкот ќе биде прекинат, информира претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигданов, на заедничка прес-конференција со членовите на УО и генералниот директор Јани Макрадули.
Генералниот директор, Макрадули информираше дека вработените ги почитуваат законските обврски за работа и испорака на пратките во услови на штрајк. Со оглед дека се почнати преговорите, како што информира, дневниците на вработените ќе им бидат исплатени.