Апелацискиот суд Скопје повторно ќе одлучува за куќниот притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески. Врховниот суд ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и го укина решението на Апелацискиот суд, па го врати предметот на повторно одлучување.
„Во Врховниот суд на Република Македонија е заведен предмет Вкж 1 бр.21/2016 по повод жалба против решението на Апелацискиот суд Скопје Ксж бр.431/16 од 19 септември 2016 година, со кое е одбиен предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за продолжување на мерката куќен притвор за лицето Владимир Талески. Поднесената жалба е уважена, а решението на Апелацискиот суд Скопје е укинато и предметот е вратен на повторно постапување“, стои во соопштението од Врховниот суд.
Битолскиот градоначалник е првоосомничен во случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство. Тој и уште 22 лица се товарат за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.
На битолскиот градоначалник му беше одреден куќен притвор на 16 јуни, а потоа по барање на СЈО му беше продолжен на 21 јули и на 19 август. На 19 септември Апелацискиот суд го одби барањето на СЈО на Талески третпат да му биде продолжен куќниот притвор за нови 30 дена и наместо оваа мерка, му наложи на битолскиот градоначалник двапати неделно да се јавува во суд.
Специјалното јавно обвинителство веднаш ја обжали одлуката на Апелација до Врховниот суд.