Втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб

Сподели

 

Втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб.

Ова е реакција на производителите, откако Владата ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари.

Од обиколката што ја направи Мета.мк претпладнево на неколку маркети во Скопје, увидовме дека може да се најде по некоја векна пченкарен или ‘ржан леб. Во помалите фурни и пекари каде што се пече тазе леб, истиот бргу се троши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски синоќа порача дека граѓаните не треба да се грижат и дека лебот чија цена Владата ја замрзна, ќе им биде достапен. Тој рече дека инспекторите се на терен и секој што не ја почитува одлуката, ќе биде санкциониран.

„Недозволиво е основен производ да не им биде достапен на граѓаните! Затоа апелирам да се почитува Одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот, а граѓаните нека бидат без грижа затоа што лебот кој е опфатен со Одлуката ќе им биде достапен. И вечерва инспекторите се на терен и вршат контроли по основа на Одлуката и понатаму ќе продолжат. Никој нема да биде поштеден од законот и ќе се санкционира без селективност“, напиша Трајковски на Фејсбук.

Сепак, според големите производители на леб здружени во групацијата на мелничко-пекарската индустрија, леб нема да се испорачува додека Владата не одлучи позитивно во однос на нивните барања. Тие сметаат дека цената на белиот и полубелиот леб не требало да се замрзне, а не требало и да се укине субвенционираната струја за нив, затоа што мерката давала резултат.

Наспроти ваквиот став на производителите, премиерот Димитар Ковачевски претходно порача дека поминал доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат, а проверките на пазарна инспекција покажале дека иако компаниите добиваат субвенционирана струја, цените на лебот не ги намалија или ги намалија незначително.

Политичките партии меѓусебно се обвинуваат за состојбата со лебот. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение, во кое велат дека власта е неспособна да ги уреди односите, создава криза и не може да обезбеди сигурност во снабдувањето на основните продукти.

„Криминалните СДС и ДУИ го оставија народот без леб. Со оваа власт има за тендери и криминал, а нема за леб“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, кои порачуваат дека државата била вратена во транзицијата.

Од СДСМ им одговорија на опозициската партија, порачувајќи им дека ВМРО-ДПМНЕ е на страната на профитерите, на оние кои злоупотребуваат мерки за помош на граѓаните и се против интересите на народот.

„ВМРО-ДПМНЕ јавно побара поскап леб за граѓаните и тоа во време на криза. Белиот дворец застана во одбрана на милионски профити, против заштита на стандардот на граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ, додавајќи дека со замрзнатата цена на лебот нема да се дозволи богатење на грбот на граѓаните./Мета.мк