Вториот круг за избор на градоначалник во останатите 35 општини кои не добија градоначалници во првиот круг од локалните избори ќе биде на 29. октомври.
Во вториот круг СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се натпреваруваат во 19 општини, ДУИ и Алијанса за Албанците во пет, ДУИ и БЕСА во седум, во една општина кандидат на група избирачи и на ВМРО-ДПМНЕ, во една ДУИ и СДСМ, во една СДСМ и Сојузот на Роми и во уште една ДПА и БЕСА.
Според обработените податоци на Државната изборна комисија, во првиот круг СДСМ освои 37 градоначалнички мандати, а нивните кандидати за градоначалници се во предност пред ВМРО-ДПМНЕ во скопските општини Кисела Вода, Бутел и Гази Баба, како и во Виница, Градско, Демир Капија, Јегуновце, Карбинци, Македонска Каменица, Македонски брод, Росоман, Старо Нагоричане и Чашка.
ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои три градоначалнички мандати и тоа во Илинден, Петровец и Сопиште, а нивните кандидати водат во шест општини – Зрновци, Кавадарци, Новаци, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип.
Најтесна е разликата меѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во Штип и Чешиново – Облешево, како и во скопските општини Гази Баба и Кисела Вода.
Во првиот круг две градоначалнички места има освоено Демократската унија за интеграција (ДУИ), две – група избирачи и едно градоначалничко место има освоено Демократската партија на Турците во Центар Жупа.
ДУИ во вториот круг има предност во 11 општини, а Алијансата на Албанците и ДПА водат во по една општина.
Во тек е изборната кампања за вториот круг, а веќе тече и рокот за поднесување на приговори и жалби до Државната изборна комисија.
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.