Александар Вучиќ денеска ја известил амбасадорката на Македонија Вера Јовановска Типко, дека српската премиерка Ана Брнабиќ ќе упати покана до македонскиот премиер Зоран Заев за одржување заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годинава во Белград.
Тие на средбата разговарале и за што побрзо одржување на Мешовитиот комитет за економска соработка.
– Сите сметаме дека е потребно да работиме вредно и одговорно на унапредување на нашите односи, нагласил Вучиќ на почетокот на средбата, прва откако Србија во неделата го повлече целиот персонал од Амбасадата во Скопје на итни консултации во Белград.
Српскиот претседател разговарал со македонската амбасадорка и за можностите за унапредување на добрососедските односи и на традиционалните пријателски врски меѓу двете земји и нивните народи.