За 2 години МВР евидентирало 4 кривични дела од омраза по основ на сексуална ориентација

Сподели

 

Говорот на омраза кон ЛГБТИ заедницата континуирано се шири, но бавно се евидентира и санкционира. Тоа најлесно може да се забележи на социјалните мрежи, но го потврдуваат и податоците од Министерството за внатрешни работи. Оттаму за Мета.мк изјавија дека започнале со месечно евидентирање на кривичните дела од омраза од јануари 2018 година.

„Имено во периодот од 2018 година заклучно со април 2020 година, во три одделни случаи (два 2019 година и еден во 2018 година) регистрирани се четири кривични дела од омраза сторени врз основа на сексуална ориентација, по едно „загрозување на сигурноста“ од чл.144.ст.4, „повреда на рамноправноста на граѓаните“, „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ и „насилство“. Делата се сторени со упатување на навреди, погрдни зборови и сериозни закани  по животот на оштетените, за што мерки на кривичен прогон се преземени против 22 сторители“ велат од МВР.

Јована Јовановска Кануркова, правничка од Хелсиншкиот комитет за човекови права за Мета.мк појаснува дека карактеристично е да има зголемување на говорот на омраза врз основа на сексуалната ориентација и/или родов идентитет секогаш кога има и зголемување на видливоста на ЛГБТИ луѓето и ЛГБТИ тематиките.

Јована Јовановска Кануркова / Фото: Фејсбук профил на Ј.Кануркова

„Според статистиките, говорот на омраза во текот на 2019 година имаше пораст околу одржувањето на првата Парада на гордоста во Скопје, понатаму околу неколку кампањи кои ги имавме на социјалните мрежи и дел од телевизиските канали, а опфаќаа ЛГБТИ теми, и секако додека застапувавме за усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој меѓу другото за прв пат предвиди заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“ изјави, Јовановска Кануркова.

Таа вели дека како граѓански сектор се длабоко разочарани во поглед на одговорот на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет од страна на институциите.

„Нашето разочарување потекнува од стотиците неодговорени пријави испратени до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, неказнувањето на ширачите на говор на омраза, и секако недостатокот од било какво јавно осудување на овој говор на омраза од страна на власта“ додава правничката од Хелсиншки комитет.

Имено, во периодот мај 2017 до мај 2020 до сајтот „Говор на омраза“ на Хелсиншкиот комитет за човекови права имаат пристигнато 374 пријави за говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет.

На ова се надоврзува и Драгана Дрндаревска, правничка, активистка и е дел од тимот на Коалиција МАРГИНИ, која е децидна дека ЛГБТИ луѓето сѐ уште немаат доверба во институциите, особено полицијата. Од друга страна, полицијата не им нуди еднаков пристап и ефикасна заштита од насилство и други кривични дела мотивирани од омраза. Како што вели таа, ова се должи на долгогодишната стигма.

Во Коалиција Маргини се документираат случаи на повреда на правата на ЛГБТИ луѓето, најчесто од страна на самите жртви. Дрндаревска појасни дека минатата година имале 49 документирани случаи на насилство врз ЛГБТИ луѓето, од кои 24 вербално и 16 физичко насилство. Истата година се документирани и 6 случаи на вербално и психолошко насилство и еден случај на физичко насилство на ЛГБТИ луѓе од страна на полициски службеници.

Фејсбук објава на Влада на РСМ по повод месецот на гордоста на ЛГБТИ заедницата / Фото: Фејсбук страница на Влада на РСМ

Пред само два дена, на 27 јуни, Владата на РСМ објави фотографија „Љубов е љубов“ по повод јуни – месецот на гордоста, со која потенцираат дека „последните три години, оваа Влада докажа дека „Едно општество за сите“ не е празна реченица, туку сериозна заложба која придонесе за губење на бруталните напади и слободна позитивна прајд парада“.

Но говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, особено на социјалните мрежи не запира. Најчесто користените платформите Фејсбук и Твитер им овозможија на граѓаните слободен простор на кој, за жал, тенка е линијата помеѓу слобода на изразување и говор на омраза, дискриминација и повик на насилство. Ова се забележува и под фотографијата што ја објави Владата. Граѓаните преку коментарите вербално се расправаат „кој, зошто и на што се гордее“, но и дека „секој може да прави што сака, но дома“. Помеѓу нив се и оние што пробуваат „да ја смират топката“.

Имено, пред една година се одржа првата Парада на гордоста во Северна Македонија, што беше искра на локално ниво за ЛГБТИ заедницата во државата. Годинава нема да се одржи парада поради мерките за заштита и превенција од ширењето на корона вирусот. Експертите и правниците што се занимаваат со теми поврзани со оваа заедница согласни се дека иако парадата беше светла точка, сепак многу од ситуациите кои треба системски да се решат не доживееаја светла завршница. Во изминатата година се случија неколку клучни работи. Од една страна се реши судскиот случај со лицето Х во Стразбур, од друга страна пак, Уставниот суд го укина Законот за заштита од дискриминација, што ги опфаќа и лицата од ЛБГТИ заедницата.

Јовановска Кануркова вели дека иако во текот на 2019 година имаше значајни придвижувања во насока на унапредување на човековите права на ЛГБТИ луѓето во државата, за жал, од денешна перспектива дел од придвижувањата годинава „паѓаат во вода”.

Граѓанскиот сектор е најмногу разочаран за техничкиот пропуст поради кој Законот за заштита од дискриминација за кој што се залагаа години наназад да биде усвоен, „падна“ пред Уставниот суд. Од политичките партии очекуваат без разлика кој ќе добие мандат да состави Влада, законот да биде една од првите точки на нивната агенда, како и негово усвојување во најкраток рок. Тие исто така, очекуваат идната Влада да постапи и со изборот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која претходниот парламентарен состав не успеа да ја избере ниту по пробивање на сите рокови.

meta.mk