ЗА ЧУВАРИТЕ НА УКРАДЕНИТЕ ПАРИ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski-foto

„Кучешка земја“ може да биде синтагма и со негативен и со позитивен предзнак, но кинолошката фигуративност може страшно згодно да се употреби за нашата состојба, со оглед на неразбирливата, од морално-хуманистички аспект, верност и поддршка на владеачката криминална, свирепа и расипана портокалова глутница. Заедничкиот именител кој ги држи заедно бесните пци сместени во разно-разните функционерски и директорски фотелји и нивните пци-чувари на украдените пари е желбата што повеќе да се ограби ова парче земја кое, сè уште, некои го нарекуваат – татковина!? Всушност, сета сила на оваа, разнородна и разновидна, херметична заедница од „четвороножни“ предатори, кои сакаат да се претставуваат како лавови, а кои, сепак, наликуваат на хоминиди, произлегува од ретко видените алчност, аморалност, вродена глупост и практикуван националшовинизам.

Досега можевме да сфатиме дека кучињата-газди со помош на своите „чувари на украдените пари“, успешно научија како да ги користат појавите поврзани со демократијата, со изборите, со медиумите, со пазарната економија, за да ги поткопаат, па дури и укинат слободите на луѓето. Научија, да изградат, скоро совршен, медиумско-пропаганден систем кој инсталиира негативен, потценувачки и демонизирачки однос кон опозицијата, комунизмот, комуњарите, антифашистите, односно кон сите кои не го прифаќаат и оправдуваат нивниот кинолошки поглед на свет. Всушност, видовме како ја „убија“ идеологијата, за да инсталираат, скоро сеопшта согласност за владеењето на портокаловата буржоазија! Сега се гледа дека никогаш и не постоела „борба на идеологии“, туку дека едната страна имала само дезинформации кои произведуваат илузии, кои пак произведуваат согласност за портокаловите врховистичко-клептомански политики. (А, иако не е за утеха, ова се констатации кои се потполно важечки и вистинити за сета денешна криминално-капиталистичка цивилизација)!

Оние кои ја играат рољата на „чувари на украдените пари“ од портокаловиот Пастир и неговата блиска криминално-клептоманска дружина, деноноќно ги демнат сите противници на портокаловото лудило и секогаш се спремни таквите натрапници да ги „растргнат“ на парчиња. Оттука, нашата распаметена портокалова пропаганда реферира на ригидните етно-конфесионални кодови и се служи со фолклорно атавистички хепенинзи и пикници на кои се излеваат огромни количини на националшовинизам. Потикнати од оваа медиумско лудило, овие наши скудоумни „чувари“, непрестано и неуморно бдеат и дежураат врз чистотата на националниот лик и врз зачувувањето на конфесионалната различност.

Интересен, а веројатно и најсуров, дел од бројната булумента од „чувари на украдените пари“, се оние наши, таканаречени „десни интелектуалци“, онаа неприродна и чудна збирштина од пудлици и питбули, од разни четвороножни креатури со педигре на уметници, музичари, актери, писатели…, кои со полуписмен и дегутантен антикомунизам и празна демагогија, го оправдуваат неоправдливото и го бранат неодбранливото. Знаете, зборувам за сите оние кои нè уверуваат дека ова што го живеевме во последните десетина години никако не е „режим“ (иако масовно нè прислушкуваат, крадат, контролираат, корумпираат, заплашуваат, казнуваат), туку дека е „незапаметен просперитет“ на нацијата и државата. Тоа е време, според нив, недвојбено достојно да биде впишано со златни букви во историите на Македонија и македонскиот народ.

Секако, од позиција на преплатени „дворски“ пци, владини советници, платени хроничари и пропагандисти одликувани со високи награди и огромни хонорари, оваа портокалово кучешко и велепредавничко време може да опишува и моделира со панегирични, но лажни, зборови и реченици, меѓутоа овие анималистичко-идиотски лаежи и завивања немаат врска со изразување на вистината, туку со зацврстување на догматските „вистини“ сред портокаловата глутница од бесни, но верни кучиња. Јас сум убеден дека од позиција на здравиот разум и искрениот патриотизам, последните десеттина години ќе останат забележани како време на повампирување на врховизмот и фашизмот, како време на владеење преку масовен страв и корупција, како време на неправда и сурова пропаганда, како време на социјална, економска, културна и општествена инволуција, како време на владеење на портокаловите газди и нивните чувари на украдените пари. И, се надевам, дека бесните пци ќе завршат онаму каде што им е местото – во кафезите за болни животни!