ЗА ДЕМАГОГИЈАТА И ДЕМАГОЗИТЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

„Непостојаноста во ставовите станува непстојаност на карактерот.“
                                                                                                                       Алберт Ајнштајн

Моќта на зборовите би требало да е голема. Би требало, оти зборовите се суштина на сѐ! А, суштина на сѐ, се затоа што сите нешта имаат свој поим, свој збор за означување и идентификација. Моќта на зборовите би требало да е голема, но тогаш, зошто толку многу често низ човековата историја се покажала немоќта на разумниот, вистинит и добар човечки збор? И зошто, се чини, дека во денешнава стварност таквата немоќ е најизразена? Наспроти тоа, наспроти немоќта на разумниот и добар збор, многу знаци укажуваат дека денес постои владеење на демагогијата, односно знаци кои ја покажуваат моќта на манипулативниот и лажлив збор.
Демагогија е систем кој настојува да ја придобие довербата и согласноста на толпата за остварување на определени цели, преку лажни ветувања, преку ветувања за остварување на неостварливото, преку „факти“ и „аргументи“ што ги дразнат страстите, преку насочување на вниманието кон небитното. Најчесто со демагогијата се служат политикантите, кои им се умилкуваат на луѓето, кои никогаш не зборуваат – de facto (по фактите), туку секогаш зборуваат – de auditu (по слушање). Нивниот целокупен говор секогаш се приспособува кон општото мнение. Да се погодат желбите и мнението на толпата и на тоа да се додадат празни ветувања, е целта на секој демагог. Затоа демагозите користат лаги, софизми, полувистини, бесмислени фалбаџиски ветувања, секогаш како доказ употребуваат тези чија вистинитост не е докажана, туку би требало претходно да се докаже или, едноставно, користат невистинит и лицемерен говор, па дури и лажен и лицемерен израз на лицето. Тие настојуваат да се прикажат не онакви какви што се, туку онакви какви што посакуваат другите тие да бидат. Тие едно мислат, друго зборуваат, а трето прават. Кај нив не постојат ставови кои се принципи, кои секогаш треба да се бранат и застапуваат и на кои секогаш треба да се отстои. Напротив, нивните ставови се менуваат од ситуација до ситуација, во зависност од слушателите или во зависност од нивната пресметка што е за нив корисно и што им носи добивка. Не попусто Еразмо Ротердамски пишувал дека демагозите „имаат по два јазика… Со едниот ја кажуваат вистината, а со другиот – она, што во тој момент го сметаат најцелисходно. Тие се кадарни црното да го направат бело… (нив) сосема друго им лежи на срце, од она што го имаат на јазикот.“ /Пофалба на лудоста/ Всушност, да заклучиме, тие секогаш имаат на ум на кое место зборуваат, па го прилагодуваат своето зборување на тој факт. Или, кратко кажано, тие се – манипулатори кои ги злоупотребуваат зборовите!
Злоупотребата на зборовите воопшто не е „наивно“ злодело на демагозите. Оти, злоупотребата на зборовите, фактички, е нивни инструмент за незаконско богатење. Имено, демагозите, во согласност со горе цитираната мисла на Алберт Ајнштаjн, немаат постојаност во ставовите и имаат непостојаност на карактерот, односно тие се секогаш морално лабилни личности. Но, токму тоа им овозможува да бидат способни да пишуваат памфлети, со цел да им се додворат на оние кои се помоќни од нив. Затоа, нивна природна храна им се политичките скандали, убиствата, војните, злосторствата, кодошењата… Оттаму, пак, следува дека нивна природна средина е компромитираната општествена сцена, во која тие во улога на кормилари, со итро и вешто едрење низ изненадувачките и нервозни измени на дневнополитичките ветрови, успеваат да пловат со полни едра на својата ситна кариера.
Кај демагозите, и покрај нивната лексичка сиромашност и неодреденост, зборовите непрестано течат, и ја губат секоја смисла и, на крајот, се трансформираат во неразумски прогон на човечкото во луѓето. Оти, во ситуација на инфлација на зборови, зборовите не си одговараат на самите себе, не значат и не означуваат ништо, па дури во своето бессилие се чинат целосно бесмислени, непотребни и безвредни. Во таква ситуација, веќе не постои збор за надеж, збор за милост, збор за вистина, збор за правда. Во таква ситуација, разумниот и добар збор е убиен!

Денешнава демагогија!
За жал, во свет во кој, како што велел Оскар Вајлд, „малку искреност е опасна работа, а многу е сосема кобно“, демагогијата е широко распространета, а демагозите се успешни и ценети. Во нашата стварност, составена претежно од скандали, убиства, измами, кражби и безмилосна експлоатација, непрестано слушаме и читаме толпа на бесрамни лажговци како сипаат меќава глупости и невистини. Втурнати сме во порој на сплетки, во вител на лажни религиски верувања и измислени сведоштва за минатото и сегашноста. Сето тоа бесмислено бладање, има за цел да се одбрани таквата искривоколчена и грда стварност. Оттаму, пак, воопшто не зачудува што денес демагозите најчесто ни се јавуваат како носители на идејата и практиката на новиот светски поредок. И, затоа, иако сите ние сведочиме како редицата на сиромашни луѓе пред контењерите за ѓубре секојдневно се зголемува и сведочиме дека живееме во една издрогирана стварност, сепак, целосно апсурдно, разните демагози ни ја пропагираат и ни ја продаваат „светлата иднина“, до која треба да нѐ доведе владеачкиот либерален прагматизам. Овие празнозборци, кои сакаат да покажат дека поседуваат религиозно обожавање на парламентаризмот и пазарната економија, па непрестано ги величат како совршено уредување на животот на луѓето, всушност, непрестано го вреѓаат здравиот разум и просечната човекова интелигенција.
Основната карактеристика која може да се забележи при демагогијата практикувана од денешниве општествено-културни „величини“ од локален или планетарен карактер, е таа што во центарот на своето зборување и дејствување го ставаат дисконтинуитетот. Тоа во практиката, над сѐ, значи укинување на континуитетот со хуманизмот и постепено, но сигурно укинување на сите остварени придобивки и вредности на тој хуманистички план. Така, сите овие дрдорковци, не само што проповедаат социјално самоубиство и национално самоодродување, туку нив ни ги прикажуваат како единствени спасоносни средства. И не само што неуморно ги проповедаат таквите глупости, туку издигнати на ниво на официјални апологети на постоечкиот општествено-економски систем безмилосно нѐ „бомбардираат“ со својата папагалска антихуманистичка објава преку телевизиите, весниците, секојдневната приватна комуникација. Да биде трагедијата комплетна, сопственото пелтечење и „продавање магла за волна“ го претставуваат како „глас од Бога“ или „глас на народот“.
Сите тие, уверени дека овој денешен антихуманизам ќе трае цела вечност, бесрамно и без никаква мерка ни ја продаваат својата „мисла“ дека постои само една можност и само еден избор на организација на економската, политичката и социјална стварност. Постоечката! Ова неразбирливото бладање на политичките авантуристи и интелектуалните проститутки, кое нас ни се прикажува како „Откровение“ и ни се толкува како непорекливо и непроменливо сознание до кое стигнале „генијалните визионери“, всушност, е само празно дрдорење за да се спречи било какво опозиционо размислување и да се спречат било какви промени на подобро во постоечката стварност. Затоа, сеопштата, халуцинантна, светска и наша, опседнатост со семоќноста на капиталот се чувствува сѐ повеќе и во иднина ќе се чувствува уште повеќе.
Секако, да се оди против таквата, скоро сеприсутна, ништожна свест и совест на измамниците, на кои лагата им е природна страст и професионална преокупација, да се оди против таа безмерно голема толпа папагали од целиот свет и од сите политички и интелектуални категории, навидум е сосема нездраво, неупатно, на моменти дури и сосема антилогично и бесмислено. Бесмислено и антилогично, прво, затоа што во време на владеењето на демагозите, кажувањето на вистината создава завидливост и омраза и, второ, затоа што, се чини, дека нормалниот човечки збор во денешнава стварност, која поправо е хроника на ужасот и срамотилакот, е премногу немоќен, премногу бессилен за било што да промени кон подобро и почовечко однесување и живеење. Дури во ситуација на планетарно „перење на мозокот“ со агресивна демагогија, оневозможено е и евентуалното темелно истражување, сфаќање и логично објаснување на денешава доминација на самоубиствениот /мало/граѓански антихуманизам. Тоа останува задача, што допрва, во некоја помирна, понормална атмосфера, ќе треба да ја завршат идните аналитичари на општествената стварност.
Во секој случај, на крајот, да го повториме укажувањето и предупредувањето на Коле Чашуле, дека сеприсутниот „медиокритетски атак на културниот империјализам ги затвора хуманистичките перспективи и го втерува светот во подземјата на гола опуртунистичка потрошувачка егзистенција“. /„Нови записи“/ Да укажеме и предупредиме дека во време на сеприсутна демагогија, во време кога се губи смислата на нормалниот збор, во време кога се понижуваат и обезвреднуваат хуманизмот и човековиот идентитет, всушност, во такво време се губи и смислата на човековата слобода, па дури и смислата на самиот човечки живот. Ние денес колку и да е тоа бессилно и бесмислено, можеме барем да изразиме протест против демагогијата и демагозите и да се обидеме да имаме доволно свест да не наседнеме на нивните секојдневни лаги. И, секако, да изразиме искрена надеж дека ваквата срамна човекојадна стварност, наскоро ќе биде заменета со некоја похумана, подобра и поубава стварност!
(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“, Аз-Буки, Скопје, 2012.)