„Подобро е да се умре на нозе, отколку да се живее на колена.“
Емилијано Запата
Веднаш, на самиот почеток да кажам дека секој човек го поседува достоинството како „природно право“. Затоа, филозофот Ернст Блох и напишал книга токму со таков наслов: „Природното право и човечкото достоинство“. Постоењето на достоинство значи дека секој човек има свое автентично минато, свој вреден живот, своја чест, своја гордост… Тоа се човекови особини кои се исклучително вредни, заради што секогаш треба да се чуваат и бранат.
Од своја страна, градежната структурата која служи за нешто да се зачува и одбрани се нарекува „тврдина“! Тврдината некогаш била систем од одбранбени елементи, пред сѐ, голема градба со високи ѕидови и кули, градба која обично се правела на високи и непристапни места, а имала за цел да заштити од надворешни влијанија и напади. И денес постои терминот фортификација, со кој се означува науката за утврдување на нечија воена положба заради одбрана од непријателот и е термин – синоним за тврдина. Утврдувањата можеле да бидат помали и служеле само за одбрана на некакво село или град, но и ограмни за одбрана на некоја територија (како на пример познатиот Кинески ѕид). Тврдината, во нашиот случај има симболичко значење на персонален капацитет, односно на поседување на идентитет и потребата од негова одбрана од надворешни трајни или привремени загрозувања. Оттаму, без нималку да се погреши може да се каже дека секој човек има своја тврдина! Но, многу жално е што некои не се свесни за тоа дека имаат своја единствена и неповторлива личност, своја гордост и свое достоинство, своја единствена и незаменлива тврдина. Заради ваквата ситуација, нашиот голем писател Славко Јаневски во една своја песна, сосема точно и вистинито запишал: „Секој има своја тврдина / Многумина тоа не го знаат…“ Затоа, и јас се решив повторно да кажам нешто за гордоста и достоинството кои, според мене, се најчовечните човечки особини!
Најпрво да кажам дека не е само Славко Јаневски тој што зборувал за човечките тврдини. На пример, писателот Меша Селимовиќ напишал книга што се вика „Тврдина“ и во која на едно место зборува дека е потребно секој човек да има своја „тврдина во која ќе се скрие пред светот“. Оти, вели тој, „ништо на човек не му е поважно од неговиот мир и среќа, што сам ќе си ги создаде.“ Тој зборува и за заљубениот, кој доброволно се затвора во сопствената тврдина од љубов, оти таа тврдина е неговата вселена и во таа вселена постои сѐ што му е доволно за среќен живот… Објаснува Меша Селимовиќ дека „животот е суров, луѓето се злобни и треба да се држат на оддалеченост“, односно како што вели: „нека бидат што подалеку од она што е твое и што ти е мило“. Препорачува, за да се постигне тоа, за секој да ја зачува својата среќа „да ја опколи со ѕидини и на никого да не му дозволи да ја загрози.“ Истото ова, само со други зборови го вели и писателот Пауло Куелјо: „Имам свој пат, патот на трагање за љубов и правам сѐ што е можно да го прејдам со достоинство.“
Многупати сум пишувал за достоинството и гордоста низ моите текстови, но во време на масовно и систематско понижување на луѓето, навистина сметам дека мора уште повеќе да пишувам, да укажувам, да потсетувам, да алармирам… Едноставно, колку што можам повеќе да инсистирам на потребата од одбрана и зачувување на човечкото достоинство! И не само јас, туку сметам дека тоа е должност на секој чесен интелектуалец, на секој човек… Секој, секогаш и секаде треба да се бори за човековото достоинство! Денес, тоа е – императив! Оти, живееме во таков свет и во такво време во кое достоинството е константно изложено на удар. Имено, денес живееме во свет кој смета дека никој не е ништо друго освен – имот, профит, приход, положба, шанса… Свет, како што велел германскиот психијатар и филозоф Карл Теодор Јасперс, што „одвнатре го корумпира човекот“, свет што воведува „опстанок без егзистенција“, свет во кој „површната среќа се плаќа со губење на човечкото достоинство…“ Едноставно кажано, ова значи дека капиталот му го одзема достоинството на поединецот, или врши „одземање на човечноста од човекот“, како што велел Карл Маркс.
А, кога би можеле луѓето отстрана да ја погледнат сета таа бесмислена трка по некаква материјална добивка, неодбегливо би дошле до заклучок дека и не се некои интелигентни суштества. Оти, човековата историја покажува слика од која јасно се гледа и сфаќа дека никој и никогаш не бил вистински сопственик на нешто материјално! Јасно се гледа дека секој човек е премногу привремен, премногу краткотраен, премногу смртен за да може вистински да поседува било што. Особено нешто што е надвор од него. Впрочем, и власта и почестите и славата и моќта и богатството…, како и сѐ останато, никого не заштитиле од смртта! Едноставно, кога е во прашање времето – луѓето немаат никаква шанса! Тие не измислиле доволно силна тврдина која ќе ги заштити и затоа тие мораат да се соочат со фактот за сопствената привременост!
Значи, можеме да констатираме дека постојат /не/времиња, како денешново време на глобализација, во кои малкумина имаат свое автентично минато, свој вреден живот, своја чест… Оти, тоа се времиња во кои само малкумина стојат гордо исправени, малкумина стојат „простум“, што би рекол Коле Чашуле! Или, обратно кажано – времиња во кои многумина го живеат животот – на колена! Евидентен факт е дека кај многу луѓе ѕидините на нивната тврдина попуштиле и паднале и тие го загубиле сопственото достоинство. Нивните тврдини се претворени во робусни руини… Имено, нивниот идентитет е збришан од безглавата трка по профит, од модерното ропството, од експлоатацијата, од сеопштата морална дисторзија и сите тие се претворени во безлични единки, во штрафчиња на огромниот, но безличен и невидлив механизам наречен „глобален светски поредок“! Таквите, не разбрале дека сопственото достоинство е највредното нешто што може да го поседуваат и не разбрале дека никако не смеат да го загубат. Бидејќи тоа не го разбрале, за ситна добивка во пари, имот, кариера, слава… се откажале од својот автентичен живот и започнале да живеат живот замислен од другите. За жал, за сите нив може да се каже дека се отчовечиле…
Мене најинтересни ми се оние кои се залажуваат дека можат само малку да ја загубат сопствената гордост, можат само малку да го начнат сопственото достоинство, можат само малку да ја оштетат сопствената тврдина. Таквите се залажуваат дека она „малку“ не е страшно, дека заради материјалната добивка имаат компезација за губењето на дел од своето достоинство… Нив можам само да им речам дека навистина ми е жал, ама таа прикаска не им вреди ни пет пари… Оти не е точна! Точен е само едноставниот заклучок на еден од водачите на еврејскиот бунт во Варшавското гето во 1944 година, заклучокот на Марек Еделман, кој рекол: „Не постои разлика меѓу мало и големо понижување“ И, толку – тоа е тоа!
За моја среќа и среќа на светот воопшто, отсекогаш постоеле луѓе кои не само што имале своја убава и цврста тврдина (Сенека сметал дека постојат само два вида на „убавина“, од кои едниот е – „достоинството“), туку, што е најважно, по ниедна цена не оставале нивната тврдина да биде разрушена! Сфатиле дека да имаш своја неразрушена тврдина значи да бидеш тој кој што си, значи да имаш свест за себе, значи да поседуваш хумана совест, значи да следиш сопствен идеал, значи да бидеш средиште на сопствениот живот, значи да ја изградуваш сопствената личност низ автономно дефинирање на сопствените задачи. Големиот мислител Макс Вебер, сосема точно заклучил: „Достоинството на личноста сигурно се темели на фактот дека за неа постојат вредности кон кои го насочува својот живот.“ Овие луѓе, сфатиле дека достоинството е највредното и најубавото нешто што го поседуваат и како такво „нема цена“. Всушност, само исправно ги сфатиле зборовите на Имануел Кант кој велел дека „должноста кон самиот себе се состои во тоа човек да го сочува човечкото достоинство во сопствената личност“! Тие луѓе ја бранеле и ја одбраниле својата тврдина!
Одбрана на човечкото достоинство!
Денес наспроти се почестото газење на достоинството на голем број на луѓе, сѐ поретко се зборува за човечкото достоинство… Ретко кој кажува дека капитализмот морално го осакати човекот и го преобрази во негација на сè што беше достоинствено во него. Ретко кој има смелост да укаже дека човекот е обесчестен, претворен во пасивно економско средство, дека е понижен да работи само за да преживее, дека е понижен затоа што на сите страни треба да коленичи и моли… Ретко кој кажува дека доминантниот глобален политички систем е втемелен на она што Макс Вебер го нарекува „етика на недостаток на достоинство“, втемелен на филозофијата „сврти го другиот образ“, без право и можност да се праша од каде некому правото да удира! Систем кој во страдањето и понижувањето, во несигурноста и зависноста ја постави смислата на сечие постоење… Систем кој не само што го подреди и зароби човекот, систем кој не само што создаде бројка од него, туку систем кој газејќи ги сите елементи на достоинствен човечки живот го претвори човекот во перверзна верзија на античкиот роб…
Е, денес да се зборува, пишува и дејствува против овој систем и неговите носители, значи да се влезе во пресметка со сите овоземни и оноземни предрасуди, значи да се биде спротиставен на сите оние кои како граѓанска професија имаат задача да си поигруваат со човечките судбини како со играчки или задача по разните медиуми да го бранат „капиталистичкиот рај на земјата и христијанскиот на небото“ и значи да се појавиш на општественополитичката сцена со целосно непрофитабилни тези кои извираат од моралната проблематика! Всушност, ако пред „иконостасите“ на капиталистичката традиција и пред куклите и фетишите на таканаречените граѓански идеали говориш за морално-политичкото понижување на човекот како за најосновно политичко прашање, тоа значи дека преземаш крајно ризична и опасна одговорност за сопствените животни перспективи… За среќа, постоеле, постојат и, верувам, ќе постојат луѓе кои се подготвени да ја работат и таа ризична и опасна работа. Можеби сѐ малку, ама, сепак – ги има! Јас во оваа пригода, би ги посочил таканаречените „Запатисти“, односно припадниците на „Запатистичката војска на националното ослободување“ (Ejército Zapatista de Liberación Nacional – EZLN) во Мексико. Тие самите се декларираат како следбеници на Емилијано Запата, познатиот мексикански револуционер и водач на мексиканската револуција од почетокот на минатото столетие. Фактички, тие се дел од сѐ поголемото алтерглобалистичкото движење, а некои дури ги нарекуваат „прво постмодернистичко револуционерно движење“.
Зборувам за нов тип на планетарно спротиставување на глобализмот кој е претворен во систем што нѐ лишува од субјективноста и автономијата, нѐ лишува од сопственото човечко достоинство. Едноставно, човештвото мора да конституира едена нова филозофија на колективен и персонален живот која ќе се темели на универзалните вредности и правата на човекот…. Мора да се изгради една идеологија која ќе се темели на концептот на вистина, а тој концепт пред сѐ ќе значи да се биде верен на себе. Идеологија која во прв план ќе го стави човечкото достоинство. А, притоа достоинството да се сфаќа и доживува како инхерентна човечка особина и да имплицира сеопшто взаемно признавање и сеопшта „политика на разговор и слушање“. Врз основа на таквата идеологија мора да се води борба која ќе отвори надеж за овозможување на исправен ôд на сите луѓе на земјината топка. Борба која ќе ја врати убавината на човечкото живеење. Борба за афирмирање на сечија човечност во актуелново општеството на дехуманизација, односно борба за овозможување на контрола врз сопствениот живот во денешново хетерономно општество. Насекаде мора да се води перманентна борба која ќе значи негација на лагата, репресијата, деградацијата, оутѓеноста, невидливоста која ја наметнува глобалистичкото капиталистичко општество… Едноставно, идната револуција треба да биде негација на самото глобално општество, негација на Сегашноста и артикулација на борбата за достоинство…
На самиот крај од овој текст, дозволете ми да кажам уште неколку зборови за мојот однос кон достоинството! Лично за себе можам да тврдам дека досега сум го зачувал сопственото достоинство! Сум ја зачувал сопствената тврдина! Оти, и рацете и образот – ми се чисти! И оти, во ова време на рецесија на морални вредности, јас зачував некои принципи и некој морал по кој живеам и се однесувам. Зачував некоја хуманистичка свест и совест, заради што се гордеам и добро се чувствувам! Секако, тоа не е лесно и не е секогаш пријатно. Често се чувствував и се чувствувам како да сум непрестано „на стража“, секогаш внимателен и претпазлив, секогаш во одбрана од невидлив непријател, секогаш во обид да дејствувам со чиста и доследна свест и совест. Затоа, веројатно, на многумина им се чинам како „затворена“ тврдина. Секако, свесен сум дека и за мене важат зборовите на Стендал: „Задоволството да ја крева главата цела година скапо се плаќа во одредени моменти кои човек мора да ги истрпи.“ Според тоа, како ќе се живее сопствениот живот, донекаде е работа на избор… Некои одбираат да живеат, на пример, како големиот хрватски преведувач Исо Великановиќ, за кого неговиот сонародник Иван Горан Ковачиќ во една пригода запишал: „Живееше во сиромаштија како богаташ и како богаташ умре во сиромаштија.“ Тоа е она што мене ми се допаѓа! А, бидејќи ми се допаѓаат и зборовите на Емилијано Запата кои ги употребив како поднаслов на овој текст, сакам да потенцирам дека мислам оти е многу корисно и добро сите секогаш да ги имаат на ум!
/Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“
во издание на „Аз-буки“ од Скопје во 2012/