Во контактна тв емисија, каде што гледачите изнесуваа свои мислења за актуелната политичка криза, еден наш сограѓанин, мислам дека беше од Прилеп, во поддршка на политиката на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзината кампања против наводните домашни предавници, соросоиди и комуњари, изнесе фрапантен став дека македонските комунисти историски му нанеле поголеми зла на својот народ, од фашистичките окупатори и дека тие никогаш немале јасно изразена национална свест, туку секогаш бранеле туѓи интереси и аспирации. На мое изненадување, водителот само климна со главата во знак на одобрување, охрабрувајќи телефонски јавувања и на неколкумина други гледачи според кои што и сегашната криза во државата претставува дело на наследниците на некогашните комунистички елити.
Со оглед на тоа, што последнава деценија засилено се заговара ново преиспитување на целокупната македонска историја, особено поновата сврзана со НОБ и создавањето на македонската држава, ќе приведеме неколку факти кои што официјалната историографија не само што не ги оспорува, туку со своите научни истражувања постојано ги потврдува. А тие велат, дека по фашистичката окупација на трите дела на Македонија (Вардарска, Егејска и Пиринска), македонските комунисти биле предводници и организатори на антифашистичкото движење и на ослободителната борба на македонскиот народ во тие држави. До сега не е откриен ниту еден документ од тој период што ќе посведочи дека некоја друга партија или организација, вклучувајќи ја и ВМРО, упатила повик за вооружен отпор или прокламација за созадавање на слободна македонска држава. Напротив, сочувани се филмски документарни прикази, како профашистички ориентирани претставници на тогашните власти со висока помпа ги пречекувале и ги славеле “ослободителните мисии” на германските и бугарските окупациони војски. Но, и дека само неколку месеци по окупацијата, најнапред во Прилеп и Куманово, а потоа и во сите други македонски градови букна востаничкиот факел на антифашистичкото спротивставување, во чии први редови застанаа претежно членови на комунистичката младина чии херојски подвизи за жал, денес се поретко се споменуваат и вреднуваат во трудовите на некои новопечени партиски историографи.
Како што е познато сите тие партизански одреди, подоцна батаљони и бригади не носеле идеолошки ознаки на некакви советски или југословенски личности и настани, туку пред се имиња на прославени илинденски дејци, животно посветени на македонското ослободително дело, воздигнувајќи го почетниот антифашистички отпор во сеопшта народно-ослободителна борба, најсветата страница во бунтовната македонска историја.
Исто така, и македонските комунисти во Егејска Македонија учествуваа на страната на грчкиот антифашистички фронт (ЕЛАС), организирани во свои национални организации (МАО и СНОФ) и со свои партизански единици (Лерински, Костурски и Воденски батаљон), а од 1945 до 1949 година во редовите на Демократската армија на Грција, повторно со свои организации и воени единици. Идентични антифашистички определби зазедоа и комунистите во Пиринска Македонија, вклучени во борбата што ја поведе КП на Бугарија.
Од тие причини може ли да се спори нивниот придонес во таа херојска борба, крунисана со победа и создавање на македонска држава. Дали беше грев што заедно со својот народ меѓу првите во Европа отпочнаа битка со непријателска сила, каква што до тогаш не познаваше човечката историја? Прашањето дали таа држава требала да биде дел од југословенската федерација, или пак да биде независна или обединета, беше и останува предмет на перманентни историски истражувања од аспект на проценките за условите и можностите што постоеле во тој момент за остварување на тие цели. Научни дебати во тој правец сигурно ќе се водат уште долго но, ќе биде крајно непродуктивно доколку тие потпаднат под различни политички и партиски влијанија базирани врз исконструирани факти, со цел да се минимизира или сатанизира националната посветеност на тогашното комунистичко движење.
Во тој поглед неспорно е дека КПМ како дел од КП на Југославија, преземајќи ја власта по ослободувањето му нанесе големи неправди на сопствениот народ, особено во суровото ограничување на човековите права и слободи и во прогласувањето на своите догми како единствено исправни и непогрешливи. Падот на комунизмот 1989 година и сопственото признание за заблудите што ги проповедал, се најдобриот доказ дека тој систем бил без натамошни перспективи и неспособен за натамошно самоодржување.
Па, сепак не може да се игнорира еден факт дека во периодот од 1945-1955 година, познат како време на брутално владеење на “колишевизмот”, кога се прогонувале осведочени национални патриоти, меѓу кои и истакнати комунистички раководители, биле поставени темелите на најзначајните национални институции почнувајќи од прва македонска влада, прва македонска граматика и правопис, македонски народен театар, македонски музеи, научни институти и академии, музички училишта, културно-уметнички друштва, па се до обновата на МПЦ. Многу од тие институции токму годинава на свечен начин го одбележуваат денот на своето формирање.
Според тоа, на тој режим може да му се припишат десетици и стотици непростливи грешки и повреди но, да се тврди дека тој бил анационален и непријателски поставен кон македонските наионални стремежи, дека не се борел за заштита и одбрана на македонскта самобитност, дека недоволно се залагал за афирмацијата на националното творештво, не значи ништо друго освен самонегирање и откажување од вистината дека токму македонизмот беше, и во едноумитето и во повеќепартизмот, неосвоивата тврдина за сите посегања и бришења на нашиот идентитет. Не случајно и ден денес тој претставува главна мета на нападите и негациите од некои соседни држави а, за несреќа и на одделни домашни политички групации кои што упорно настојуваат да му накалемат туѓи корени и историски вредности, длабоко спротивни на неговата национална бит и значење!