За исправените луѓе – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

„Frangar, non flectar“ -Се кршам, не се виткам
латинска поговорка

 



Сите се раѓаме како луѓе. Во тоа нема сомневање. Ама, како што велел Сенека, „далеку најтешко е да се победиш сам себе“ и да останеш – Човек! За да се постигне тоа, најнапред мора да се зачува – исправеноста! Оти, се знае, човекот има р’бет кој го држи телото во права положба. И, се знае, вистинскиот човек има доблести кои го прават да биде Човек, односно го прават она што е! А, пак, ако човекот е Човек, тогаш човекот е најубавото нешто на оваа наша планета!

Првата работа која може да се воочи кај вистински исправените и прави луѓе е фактот дека тие секогаш настојуваат да не му направат на другиот она што никако не сакаат да им се случи ним. Тие, не само што се воздржуваат од правење на некакво зло, туку, во голема мерка, се воздржуваат и од сите пороци, на кои другите лесно им се препуштаат. За нив највисока и најважна е нивната страст, непрестано да ја бараат вистината и секогаш право и праведно да постапуваат. Натаму, тие, ако може така да се рече, поседуваат големо количество на презир кон минливите, ефемерните и непостојаните нешта, односно кон оние нешта по кои повеќето луѓе, заслепени од глупост и алчност, се грабаат. Како, на пример, материјалните богатства, или славата или моќта… Нив им е јасно дека богатството, славата, силата, власта се празен чад! Ништожност! Оти, ним им е јасно дека богатиот, кога-тогаш, ќе најде побогат од себе, славниот ќе го замрачи туѓа, поголема слава, силниот ќе биде победен од посилен, властодржецот ќе биде сменет или соборен од друг властодржец. На крајот, всушност, тие ја разбираат неодбегливата вистина дека моќта, богатството, славата, никој не може да ги задржи вечно, оти сите луѓе на овој свет, се само привремено, дека никој никогаш и никаде не успеал да го победи времето и да стане физички бесмртен.

Поаѓајќи од таквите сознанија, вистинските луѓе секогаш сметаат дека е потребно животот и смртта да се дочекаат во права, во исправена положба. Да се дочекаат – простум! Затоа, воопшто не зачудува, што за нив чесна смрт е да се умре за добра кауза. Така, на пример, за нив пријатно и чесно е да се умре за татковината. Оти за нив важи правилото: „Не е важно да се живее, туку да се вреди во животот“ (всушност, тоа е старата латинска поговорка: „Non est vivere, sed valare vita“). Фактички, за нив не е нужно да се живее, туку нужно е да се живее чесно и доблесно. Затоа живот на овие креативни личности со вулканска енергија во дејствувањето е посветен на вистината, правдата, хуманизмот, слободата… Во секој случај, слободно може да се тврди дека големината на исправените луѓе се темели на фактот дека за нив постојат вредности кон кои тие го насочуваат својот живот. Само така може да се разбере зошто тие секогаш се трудат да дејствуваат, пред сѐ, врз основа на она што е праведно и добро. Зошто секогаш настојуваат да зборуваат и дејствуваат – по совеста! Оттаму, исправените луѓе секогаш зборуваат онака како што одговара на вистината, а не онака за да задоволат нечиј вкус или желби. Тие скоро секогаш изразуваат протест и одрекување на сите морални псевдовредности на малограѓанштината или на политичката елита, одрекување и протест против недостојните, негативните, заостанатите, закржлавените, бесчувствителните феномени на своето време. Сето тоа понекогаш воопшто не е лесно, згодно, корисно, употребливо, упатно, здраво, исплатливо, ама е чесно и доблесно. Кратко кажано, исправените луѓе се господари на самите себе. Тие ги знаат и ги разбираат зборовите на Гете дека „среќен и голем е само оној што не мора ни да владее ни да се покорува за да биде нешто.“ Нивната девиза во животот е – да се живее со доблест и пример!

Исправените луѓе настојуваат да му се прикажат на светот онакви какви што се – без лажни пози, без маски, без искривоколченост, без извештаченост. Во зловреме, кога достоинството е скоро безвредно, оти се продава за ситни пари, за ситни привилегии, за ситна моќ, тие, исправените луѓе, не можат да го продадат своето достоинство по ниту една цена. Затоа, и кога молењето за да се добие нешто е вообичаено, тие никогаш, ама баш никогаш – не молат. Дури и кога во прашање е доведено највредното што било кој човек го поседува – сопствениот живот, тие никогаш и никого не молат ниту за својот живот. Кога ласкањето, лажењето и озборувањето сe најкраток пат за стекнување „пријатели“, тие никогаш, ама баш никогаш – не ласкаат, не лажат и не озборуваат. Напротив, тие секогаш се искрени и чесни. Кога лигавењето, коленичењето, ползењето се вообичаени начини на однесување за постигнување на личните цели, тие никогаш, ама токму никогаш, не се лигават, не коленичат и не ползат. Во време кога царуваат неблагодарноста и злобата, тие секогаш се благодарни, благородни и благодушни. Кога газењето на сопствениот збор и предавството се општоприфатени како нормални појави, тие никогаш не газат на сопствените ветувања и никогаш не ги предаваат пријателите или сопствените идеи и принципи. Тие, едноставно и неотповикливо – не се виткаат. Тие се преголеми како луѓе, па и кога би сакале, не би можеле да се свијат, да се спуштат до земја и да лазат, да се испоганат самите себе, да се самообесчестат, оти – би се скршиле и самоуништиле. Со други зборови, во поглед на чесноста, принципиелноста, вистинољубивоста тие се нееластични, крути, непревитливи!

Ако овие констатации би требало да се илустрираат и поткрепат со пример, тогаш јас би го посочил Архимед, за кого, верувам, дека скоро сите слушнале и, верувам, дека скоро сите ги знаат неговите зборови: „Немој да ги расипиш моите кругови!“ (според Титус Ливиус во делото „Историја“ овие збориви Архимед ги изговорил кога, по освојувањето на Сиракуза во 212 година п.н.е., смртно го ранил еден римски војник, додека тој цртал кругови во песокот барајќи некое геометриско решение.) Тие зборови се, всушност, само израз на еден прав човек, меѓу безбројно многуте исправени и исправни луѓе, кој покажал дека постојат и поважни работи од минливиот живот и стекнувањето на богатство и моќ. Оти, само за момент размислете и запрашајте се, на што би личело Архимед да молел за својот живот? И, ако тоа би било така направено, без разлика на неговите дострели во математиката и геометријата, дали воопшто некој ќе го знаел и помнел Архимед? Дали сте слушнале за некого кој молел да се зборува со пиетет и почит? Дали знаете некој кој молел, коленичел, ползел, да биде запаметен во колективната меморија на човештвото? Архимед е само еден пример на прав човек, кој неприкосновено и прекрасно докажува дека угледот стекнат со достоинството – никогаш не умира!

Значи, многумина од исправените луѓе ги жртвуваа своите егзистенции и животот во името на високите принципи. Иако тоа денес на многумина им изгледа бесмислено и безвредно, сепак, токму овие исправени луѓе со импозантна совест го одрживале светот човечен и жив низ целата светска историја. Тие ги развиле во себеси коефициентот на силната волја и коефициентот на интелигенција до степен да можат да не мислат според папагалски преповторуваните лаги, полувистини и планетарно инсталирани предрасуди и да не глумат во една та иста претстава, во која секогаш постојат „избрани“ што ги уживаат сите овоземски благодети и „отфрлени“ кои се должни да работат за благосостојбата на „избраните“. Тие исправени луѓе, секогаш и секаде, се движеле по земјата како слободни луѓе, како луѓе кои не сакаат никому да му робуваат. Тие верувале дека може доблесно и творечки да се дејствува и дека така овој свет ќе стане убаво место за да се проживее секој човечки живот. На нив се однесуваат зборовите на Албер Ками: „Чувството дека си на права страна, задоволството дека имаш право, радоста што сам себе можеш да се почитуваш, мил господине, тоа се моќни движечки сили кои ни помагаат да чекориме исправено или да одиме напред. Ако луѓето од тоа ги лишите, ќе ги претворите во бесни кучиња.“ Јас само би апелирал, секој, секаде и секогаш нека ги помни овие зборови, нека дејствува во согласност со нив, и сосема сигурно, овој свет ќе биде пристојно место за човечко живеење!

Без никакви дилеми, правите луѓе се она највредното и највозвишеното во родот човечки, а со тоа тие се она што нѐ краси сите нас. Навистина, иако, за жал, понекогаш животот и славата на исправените и прави луѓе, ја следи зависта на луѓето со полжавски менталитет, оти тие бедни ползачи ги мразат оние што во нив го будат чувството на помала вредност, сепак, сите ние останати, нормални луѓе, за овие плодни, креативни, беспрекорни и великолепни луѓе, може и треба да зборуваме само со пофалба. А, пак, ако некој таков исправен голем човек и познавеме лично, тогаш можеме со право да се гордееме и да се сметаме за среќни. И, на крајот, да запомниме дека секоја држава, општество, политички систем, култура, цивилизација потребно е да ги оценуваме, не врз основа на тоа колкава моќ оствариле, туку по тоа колку изразиле почит и љубов кон исправените луѓе.

(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“, Аз-Буки, Скопје, 2012.)