Градот Истанбул, најнаселениот град во Турција кој ги поврзува европскиот и азискиот континент, во 1927 година имаше 806.863 жители, додека сега, 90 години подоцна, градот брои нешто помалку од 15 милиони жители, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на Националниот завод за статистика на Република Турција (TUIK), вкупното население на Турција на крајот на 2016 година изнесувало 79.814.871 жители.
Градот Истанбул, како најнаселен град во земјата со 14.804.116 жители, сочинува 18,5 отсто од вкупното население во Турција. Истанбул според бројот на жители зад себе остава дури 145 земји, а само во последните пет години популацијата во Истанбул се зголеми за еден милион.
Според податоците од првиот попис на населението по основањето на современа Турција, спроведен во 1927 година, Истанбул пред 90 години имал 806.863 жители, а во 1945 година оваа бројка надминала еден милион.
Во текот на следните 55 години, Истанбул доби 10 милиони жители, а во 2000 година, во градот на два континенти живееа 11.076.840 луѓе.
Се претпоставува дека во 2020 година Истанбул би можел да има популација нешто помала од 16 милиони.