За случајот на “Боемска” одговорност ќе има: морална од јавноста, а кривична од судот

Сподели

 

Дополнителниот министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска, на денешната прес-конференција заради големиот интерес на јавноста и новинарите, со цел објективно информирање, ја извести јавноста во врска со настанот кој се случи на 3 јуни 2020 година на улица „Боемска“.

„На 03.06.2020 година околу 18:30 часот од страна на Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија се врши вонреден инспекциски надзор во угостителските објекти сместени на улица „Боемска“.  Целта на надзорот е да се изврши проверка дали угостителските објекти ги спроведуваат актуелните мерки за спречување на внесување и ширење на вирусот КОВИД–19. Имајќи предвид дека станува збор за редовна активност и по процена на инспекторите однапред не била побарана полициска асистенција“, прецизираше дополнителната министерка за внатрешни работи, Петровска.

Таа брифираше дека при обидот да се изврши надзор во угостителскиот објект Чардак од страна на вработени во објектот инспекторите биле спречени да го спроведат надзорот во внатрешниот дел на објектот, со образложение дека немаат клуч од тој дел од објектот. Кога инспекторите се оддалечиле од објектот, забележале како токму од внатрешноста излегуваат неколку лица. По ова тие се вратиле во објектот и инсистирале да им биде овозможено да се изврши надзор.

„Министерството за внатрешни работи, преку јавување на еден од очевидците упатува полициски службеници на местото на настанот. По пристигнување на лицето  кое се претставило како еден од сопствениците на објектот, истото го отворило горниот кат, поточно винаријата „Чардак“, при што инспекторите извршиле увид на просторот, не биле затекнати гости, но во истиот имало користени садови и чаши, остатоци од храна и корпа полна со отпадоци, што упатува на тоа дека внатрешниот дел бил користен“, истакна дополнителната министерка Петровска.

Петровска објасни дека со оглед на тоа дека постоеле основани сомневања за прекршување на мерките за заштита, а со тоа сторување на кривично дело непочитување на донесени мерки за заштита од пандемија, известен е јавен обвинител од кого е добиена наредба за одземање на дивиар снимачот од безбедносните камери.

„Во непосредна близина на објектот како и во самиот објект забележани се полициски службеници кои по опис на своите работни места не требале да бидат присутни таму. Ова предизвикало сомнеж за нивната намера, и со оглед на тоа дека станува збор за фреквентно место, повикани се полициски службеници од единицата за брзо распоредување, како превентивно обезбедување на просторот“, објасни Петровска.

„По добиената наредба за одземање, присутниот сопственик дал исказ дека дивиарот бил украден, но дека не се сеќава кога. За ова е известен јавниот обвинител и во координација со судија на претходна постапка добиена е наредба за претрес на објектот. По направениот претрес најден е уредот за снимање од безбедносните камери и истиот е одземен. Согласно наредбата од јавниот обвинител се врши негово вештачење со цел да се потврди присуството на лицата во внатрешноста на објектот“, истакна Петровска.

 

 

Петровска акцентираше дека ова е случај кој говори за свеста и совеста на оние кои во време на пандемија ги прекршуваат мерките за заштита. Ова не е политички случај, ова е настан во кој се сторени кривични дела и заради тоа по комплетирањето на доказите ќе биде поднесена кривична пријава против сите кои тоа го сториле.

„Ќе биде поднесена кривична пријава и за попречување на службени лица да преземаат дејствија, како и за непочитување на мерките. Одговорност мора да има, морална за која ќе суди јавноста, а кривична за која ќе суди судот“, финално истакна дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска.