ЗА СМРТТА И ПОСТРАШНИТЕ НЕШТА ОД НЕА – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

Треба да се оплакуваат луѓето кога ќе се родат,  а не кога ќе Умрат.

                                                                                                                                Монтескје

LITOVSKI2

 

Смртта е престанок на животот, дефинитивно и неповратно прекинување на секоја животна активност. Кога ќе настапи смртта, никако не може да се врати животот. Смртта може да се случи како природен резултат на внатрешните процеси на пропаѓање на организмот или како резултат од деструктивни надворешни фактори.  Смртта е и феномен од кој, никој, никогаш и никаде, не успеал да побегне. Таа е толкувана безброј пати и од најразлични аспекти. Толкувањата со религиски предзнак, по кој смртта само значи крај на овоземскиот живот, а всушност, животот во некој друг модел продолжува да постои во „боженското царство на небото“, односно останатите верувања за реинкарнации и слични на нив во разни варијанти и подваријанти, како нерационални и несериозни нема да ги разгледувам во овој текст. Исто така, нема да ги разгледувам ниту медицинските аспекти на смртта поради нивната обемност.

Во филозофијата, феноменот на смртта бил толкуван од најрани времиња. Платон толкувал дека смртта претставува „одвојување на телото од душата“, а наспроти него, Аристотел сметал дека душата не може да постои без тело, односно дека со смртта на телото пропаѓа и душата. Најдалеку со материјалистичкото сфаќање на смртта отишол античкиот филозоф Епикур, кој ја застапувал тезата дека физичката смрт е истовремено и престанок на сите психички, емоционални и секакви други животоносни процеси, односно дека со смртта неповратно се губи животот. Од современите филозофски школи и правци потребно е да се спомене егзистенцијализмот за кој проблемот на смртта е клучен за филозофската размисла, па затоа смртта е една од централните теми на приврзаниците на овој филозофски правец. Секако, пожелно е да се погледне и во луцидната студија „Смртни прашања“ на Томас Нејгел.

Сепак, мене ми се чини дека наједноставната, но и најреалната дефиниција за смртта ја дал германскиот филозоф Готфрид Вилхелм Лајбниц, кога запишал дека „смртта не е ништо друго, туку постапна инволуција на телото.“ Што се однесува до основната теза на овој текст според која постојат пострашни нешта од смртта, интересни се размислувањата на Артур Шопенхауер за кого смртта е само „површен феномен“ и на Фридрих Ниче за кого „нема побанално нешто од смртта“.

* * *

Со сигурност може да се тврди дека за некои луѓе од смртта пострашен е СРАМОТ. Само колку за појаснување, срамот претставува елементарно чувство кај секој просечно нормален човек, а е предизвикан од човечката интимност т.е. човечката присутност пред самиот себе. Затоа срамот, кој е исцело човечко чувство, е присутен само онолку колку што некој го чувствува. Само изроди од човечкиот род може воопшто да не чувствуваат срам. Некои, пак, и порано и денес, толку многу се чувствителни, што се спремни побрзо да одат во смрт, отколку да се засрамат, испоганат, извалкаат себеси. Низ повеќемилениумската човекова егзитенција на овој наш свет, постојат безброј примери за поткрепа на ваквото тврдење, а можеби најубавиот и најраспространет е оној на Сократ кој, откако бил осуден на смрт, објаснувал дека „не е тешко, о луѓе, смртта да се избегне, многу потешко е – подлоста. Трча таа побрзо од смртта…“ и одбил да си го спаси животот со поткуп и бегство објаснуваќи дека никогаш не треба сопствениот долг и чесен живот да се извалка со срам заради нечесни нешта и заради нечесно бегство од смртта.

* * *

Немањето љубов, живеењето без да те љубат и без да љубиш е, исто така, пострашно отколку да се умре. Всушност, може да се рече дека љубовта и смртта се сосема блиски и сродни. Знам дека многумина нема да се сложат со мене во оваа теза, ама, сепак, мислам дека е точно така! Слично мисли и тврди, на пример, непознатиот јапонски поет во неговата песна „Љубов и смрт“ во збирката „Кокиншу“ од 9. век, во која се вели:

„Кој е тој кој љубовта

ја нарекол со името љубов?

Зарем не би било подобро

да ја наречел умирање,

кога да се љуби во стварност значи да се умри?“

 

Вистинската љубов е безусловна и безгранична! Имено, љубовта е најсилна од сите човечки емоции, и како таква носи големо задоволство, но може да биде и извор на длабока болка, па дури и смрт. Затоа, веројатно, Ферид Мухиќ заклучил дека: „Само она што е без љубов, смрт носи. Смртта е просто: место без љубов!“ Љубовта, онаа вистинската, е исцело чувствување на приврзаност и верност кон саканиот. Чувствување на сраснатост во едно, желба да се даде сѐ за љубениот… Затоа, на пример, се вели дека љубовник без чувства е безвреден медиокритет. Ама, таква каква што е, љубовта е не само благопријатна и „слатка“, туку и опасна и ризична игра, а напати игра на сѐ или ништо! Игра на живот и смрт! И покрај тоа, како што велел Имануел Кант, „подобро да се љуби и да се изгуби, отколку никогаш да не се љуби.“ Секако, знам дека и без љубов може да се живее и може да се преживее. Тоа е евидентен факт! Ама, тој живот без љубов е половичен, мизерен, несреќен, беден… Па, со ризик да погрешам или да бидам грешно сфатен, ќе си дозволам да речам дека најсиромашните луѓе на овој свет се оние кои не го искусиле вистинското чувство на љубов. Тие биле живи, ама како да не живееле. Затоа, понекогаш е подобра смртта, отколку животот, во кој сте ги отфрлиле оние кои ве љубеле и сте ја уништиле љубовта!

* * *

Таму каде што целиот живот е тежок, смртта е најубава работа“, пишува Публиј Сир и ни кажува дека несреќниот, ропски, нечовечки живот е полош од смртта. За жал, во човечката историја, а и денеска, мнозинството луѓе живееле и живеат крајно несреќно и ропски. Тие се приморани да се откажат од сопствената чест, да се откажат од вистината и правдата, да се откажат од сопственото достоинство и сопствената слобода, или, со еден збор, да се откажат од самите себеси. А, како што еднаш претходно укажав „да станеш нешто друго или да умреш е едно и исто“. Затоа, во ваква криминална и робовладетелска цивилизација во која живееме, која се темели на безмилосна експлоатација, на масовна корупција, на секојдневна и сеопфатна пропаганда, се чини дека ништо не е да се умре, туку страшно е да се живее. Затоа, застанете за момент со вашата секојдневна активност и замислете се над зборовите на Монтескје кои ги употребив во поднасловот на овој текст, и ќе видите дека и тоа како се точни и актуелни.

Едгар Морен, автор на научната студија „Човекот и смртта“, со право заклучи дека „човекот се изложува на опасноста да го загуби животот за да ја докаже својата сопствена човечка вредност, за да ги сочува својата чест и своето достоинство… Во тие вредности кои единката ги втемелува и кои претставуваат нејзина подлога, таа гледа нешто што е повредно од животот: тие се над времето и светот, тие се бесмртни. Заради нив единката не ѝ придава никаква важност на смртта… или ја презира…

Со ова можеби многумина ќе разберат зошто „од смртта најмалку се плашат оние чии животи имаат најголема вредност.“ /Имануел Кант/ Оти, тие луѓе сфатиле дека не е страшно да се умре, туку страшно е да се живее со живот недостоен за човека! Сместено во овие ментални координанти, може да се разбере голем дел од постапките на луѓето и во минатото, но и во денешнинава. На пример, само со овие координанти може да се објасни и правилно да се разбере зошто прилепските слободољупци Кире Гавриловски и Круме Волнаровски пред да се самоубијат во 1944 година, на бугарските окупаторски полицајци им довикнале дека „и смртта е слатка за слободата“.

Значи, да заклучам, кога сте приморани да живеете еден нечовечен и неслободен живот, кога живеете во страв и мизерија, тогаш животот е пострашен од смртта. И обратно, кога живеете живот достоен за човека, кога во него има вистина, правда, убавина, љубов…, тогаш нема ништо послатко и поскапоцено од самиот живот.

* * *

Се надевам, сите можат да разберат дека подобро е еднаш да се умре, отколку цел живот да се умира од страв за животот. Не напразно старите Римјани велеле: „Плашењето од смртта е пострашно отколку да се умре /Moriem timere credulius est quam mori/. Едноставно, стравот од смртта е целосно бесмислен, оти како што луцидно заклучил Епикур: „Додека нѐ има нас, ја нема смртта, а кога ќе дојде смртта, тогаш повеќе нѐ нема нас!“ Затоа, секогаш смртта треба да се дочека без страв и жал во очите. И, секако, навремено треба да се сфати дека смртта е сосема природна и неминовна работа, што, пак, може да значи создавање предуслови за водење еден исполнет и доблесен живот. Затоа, може слободно да се рече: Тој што ќе ги научи луѓето да умираат, ќе ги научи и да живеат. /Мишел Ејкем де Монтењ/

На самиот крај, да разјасниме една работа: ако може да се зборува за некаква бесмртност на луѓето, за некаков „живот“ по смртта, тогаш единствено може да се зборува за „живот“ во сеќавањата. Тоа е она убедување кое Виктор Иго, го искажал кога рекол дека „мртвите живеат сѐ додека има живи кои мислат на нив!“ Имено, еднаш живееме на овој свет, а друг свет за нас не постои. За тој наш живот, еден и единствен, потребно е да ги знаеме и живееме вистината, правдата, добрината, љубовта… Тогаш нашиот живот станува осмислен, радосен и среќен. А, ние и вистината за нашиот живот, живеат точно толку колку што живее нашето име и онолку колку што живеат нашите доблесни дела во помнењето на луѓето по нашата смрт.

(Дел од текст објавен во книгата „За свеста и совеста“ во издание на Аз-буки во 2012 година )