Донирани 59500 денари за еко проекти на 5 средни училишта
Граѓани, претставници на компании и граѓански организации во улога на донатори поддржаа социјални инoвации за заштита и поефикасно користење на водните ресурси, предводени од средношколци кои доаѓаат од 5 различни средни училишта за време на UPSHIFT Crowdfunding настанот одржан на 15 јуни во Скопје.
На настанот воведни обраќања имаа Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Патриција Диџовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија и Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Шведска во Северна Македонија.
„Ние во Фондот се трудиме секогаш да бидеме отворени за иницијативите и идеите на нашите млади креативни умови, а овој настан денес е само уште еден пример за силниот потенцијал на нашите млади да станат двигатели на позитивни промени. Овде денес докажуваме дека ако обезбедиме можност за нивно дејствување и ги негуваме нивните способности и таленти, ако дејствуваме како овозможувачи и го охрабруваме нивното активно граѓанско учество, ќе поттикнеме трансформативна општествена промена” изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
“Преку програмата UPSHIFT, УНИЦЕФ и партнерите обезбедија обука, менторска поддршка и основни средства за овие млади луѓе да ги доведат своите идеи до оваа фаза. Навистина сум горда денес што по завршувањето на нашиот проект продолжуваат да бараат нови можности и нови начини за да ги спроведат своите идеи,“ рече Патриција ДиЏовани, претставник на УНИЦЕФ.
Еден од целите на настанот беше да се развие културата на вложување во општествено корисни проекти кои се фокусираат на решенија за унапредување на заштитата на животната средина и справување со климатските промени. Па така, со прибраните средства, во наредниот период училиштата ќе реализираат проекти во насока на: собирање и искористување на дождовницата во надземни контејнери, спречување на губитоците на вода во градскиот водовод во Велес, намалување на потрошувачката на питка вода и користење на техничка вода за наводнување, како и прочистување на водата за пиење во Тетово.
Амбасадорката Кристин Форсгрен Бенгтсон ги истакна предизвиците на климатските промени и важноста на локалните напори за борба против нејзините ефекти. Обраќајќи им се на студентите, таа рече дека би сакала тие да знаат дека „се приклучуваат на многу поголема борба, со сојузници од целиот свет“ и ја нагласи поддршката на Шведска за развивање на нивните таленти и придонес во напорите за градење поодржлив свет.
Последно, Иван Јованов, извршен директор на Здружението ЛЕАД, како имплементатор на програмата сподели дека е „охрабрувачки тоа што полека се развива културата на вложување и дека граѓаните знаат да препознаат иновации од младите луѓе во образованието“.
Crowdfunding настанот се реализира во рамки на UPSHIFT програмата, наменета за средношколци кои имаат идеја за решавање на предизвик во нивната заедница од областа на климатските промени и заштита на животната средина.
Програмата ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и и Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ.