Заев: Ајде во акција на 15 октомври, за слободни општини, за среќна Македонија

Сподели

Добра вечер слободни граѓани на Република Македонија! Добра вечер Скопје. Добра вечер драги мои пријатели!
Вечерва токму од ова место, од пред Владата каде заедно застанавме рамо до рамо за да кажеме доста е, вечерва ечи волјата на слободни граѓани на Република Македонија!
Оваа глетка ми потврдува – на 15-ти октомври граѓаните тргнуваат во нова акција за слободни општини во Република Македонија!
Немам доволно зборови со кои ќе ви опишам колку е полно моево срце што ве гледам собрани овде вечерва во толку голем број. Насмеани, горди граѓани, од сите етнички заедници, полни со оптимизам, спремни заедно да ја издигнеме нашата Македонија на нозе.

Вие сте тие кои ме правите среќен. Ако јас ве правам среќни, тогаш ајде заедно да се погрижиме среќно да го направиме и Скопје и сите општини во нашата држава.
Ајде заеднички да ја направиме среќна Република Македонија.
Вечерва, сите заедно, покажуваме, без сомнеж, дека Македонија навистина се менува. Македонија станува подобра. И нема враќање назад!
Од дното на душата, со цело мое срце ви благодарам за довербата, и вербата да работиме сплотени, сите заедно, и да градиме подобра иднина за Република Македонија.
Нема да ја изневерам вашата доверба. Ве уверувам, го имате мојот збор!
Денес, повторно стојам пред вас да ја побарам поддршката заедно да ги заокружиме промените. Да ја ослободиме Македонија од остатоците на режимот кој ја опустоши! Да стигне слободата и можноста за подобар живот во секое село, во секој град, во секое катче од нашата татковина.
За оваа цел се здруживме со граѓаните и со 22 политички партии, од сите етнички заедници и политички групации. Од вас граѓаните бараме поддршка како здружена коалиција на левичари, десничари, од центарот, либерали, зелени, ама баш сите.
Да изградиме слободни, услужни и развиени општини каде што луѓето ќе живеат и работат квалитетно, еден покрај друг. Во општини и градови кои ќе работат за граѓаните и ќе ги поврзуваат граѓаните.
Ја враќаме слободата, ги враќаме парите кај граѓаните. Го враќаме животот во Република Македонија.
Придружете ни се! На 15ти октомври заедно да ги заокружиме промените во Македонија!
Драги пријатели,
Во изминативе четири месеци од кога почнавме со работа, поставивме нови принципи и политика на работа. Покажавме дека сме луѓе од збор.
Дека ако се засукаат ракавите, сериозно, домаќински, посветено и чесно може да има реална промена во Македонија.
Покажавме дека не се сите исти!
Ги укинавме непродуктивните трошоци што ги наследивме од претходниците. Пари кои ги трошеа на самопромоција, рекламирање и гозби по кафани. Ставивме крај на ерата на расипничко трошење на државни службеници, на сметка на граѓаните.
Тие 45 милиони, ваши пари што ги заштедивме отидоа кај стечајните работници, отидоа кај работниците за повисока минимална плата, отидоа кај граѓаните преку дневната евтина тарифа на струјата, преку укинувањето на радиодифузната такса, отидоа за поддршка на граѓаните.
Еве и зошто сме различни од оние другите:
Вечерва ви најавувам, ќе го вратиме Тенкот, мерцедесот на Груевски од 600.000 евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики согласно потребите на граѓаните!
Со 200.000 евра што ги заштедивме последните неколку денови, од нивните пусти реклами и блесави трошоци набавивме 20 инкубатори за новороденчиња!
Навремено, почитувани граѓани, ги исплаќаме субвенциите за земјоделците, и тие сега одат само кај вистинските земјоделци.
Создадовме и План за економски раст! Сега домашните фирми се во фокусот, подеднакво поддржани како и странските инвеститори. Државата ќе пушта пари во стопанството за младите тука да работат, тука да ни останат испланирано е, а ќе се вбризгаат милиони евра од Буџетот за 2018 година и уште стотина милиони евра од Светска банка и други финансиски институции за развој на бизнисот во Македонија.
За само 4 месеци ја извадивме Република Македонија од меѓународна изолација. Се помиривме со сите соседи. Од Бугарија направивме пријател и сојузник за евро-интеграциите. Ги стабилизиравме односите со Србија. Односите со Албанија и Косово ни се на највисоко ниво и без отворени прашања. Имам отворен и искрен дијалог со Грција. И јас и нашата држава Република Македонија.
Денес, Македонија е пријател со соседите, земја која цврсто чекори кон НАТО и ЕУ!
Верувам и знам дека Македонија ќе биде 30 членка на НАТО Алијансата. Ќе ги интензивираме евро-интеграциите кои носат можности за работа и за подобар живот за сите.
Македонија ќе биде стабилна и почитувана земја и ќе седи на иста маса со сојузниците и ќе носи заеднички одлуки за иднината на Македонија, за Европа, и за безбедноста на целиот запад.
Почитувани,
И покрај сите опструкции и цинични манипулации од противниците, владеење на правото и правдата во Република Македонија ќе се вратат. Во тоа ве уверувам!
Правдата е спора, во Македонија па уште поспора…но ви давам збор, правда ќе има во Македонија!
Пријатели,
Видовте дека сме луѓе од збор. Не отстапуваме од ветеното. А најдоброто допрва доаѓа.
Затоа вечерва барам од вас да бидете одлучни и посветени, за од 15 октомври да продолжиме да чекориме по овој реформски пат за среќна и просперитетна Македонија за сите граѓани.
Драги пријатели,
Целта на Владата која ја предводам е да ја помага локалната власт и да ги слуша потребите на граѓаните. Ние сакаме да ги доближиме централната и локалната власт поблиску до сите вас.
Сакаме преку ефективна децентрализација, да ги оспособиме општините, да им ги дадеме сите алатки, за да можат да работат во интерес на граѓаните.
Заврши времето на опструкции и изживување на централната власт врз општини кои не одат по ќеиф на политички лидери. Не!
Нашата влада ќе ги помага градоначалниците и советите да пуштат повеќе пари кај граѓаните, да создаваат повеќе можности за работа за младите, да нудат услови за поквалитетно образование и здравство во нивните села и градови.
Градиме општини кои ќе работат за вас. Општини што ќе поврзуваат.
Градиме општество за сите! За граѓаните подеднакво, во нашата заедничка Македонија.
Кога велам општини кои работат за вас, подразбирам тие да бидат места за живеење по ваша мерка.
Што ќе се прави, гради и како ќе се трошат вашите пари во градот и општините, одлучувате само вие во разговор со локалната самоуправа.
Општини кои работат за вас значи и општини кои нудат точни, квалитетни, и навремени услуги за сите граѓани. Општини кои одржуваат чиста животна средина—кои овозможуваат чист воздух за дишење и чиста вода за пиење.
Вчера во Штип, на отворена дебата која ја имавме со граѓаните, дојде еден чичко и на маса ни тропна со шише полно со матна вода, која тече низ цевките на штипскиот водовод. Е па доста е! Човечките животи мораме да ги заштитиме. Во 21 век, во Македонија секој мора да има чиста вода за пиење! Затоа, доаѓа нова одговорна локална самоуправа насекаде низ Македонија, во сите општини.
Сите општини мора да бидат транспарентни, отворени и услужни за сите граѓани подеднакво.
Општини што поврзуваат значи модерни, организирани и внатрешно и надворешно поврзани општини. Со модерни и квалитетни улици и патишта, дигитализирани системи за јавни услуги, јавен превоз кој функционира и побезбеден сообраќај.
Но, нашата идеја е да ги поврземе граѓаните не само преку улици и патишта туку и преку современа и модерна инфраструктура и реално да ги доближиме еден до друг.
Нашата Македонија е шаренолика. Земја на различности, кои се наша предност! Извор на огромен потенцијал! Тука живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци и многу други заедници.
Промените кои ги носиме за општините и градот Скопје целат да се зближиме и зближуваме еден со друг. Подобро да се разбираме. Да си помагаме меѓусебно. Да живееме еден покрај друг, не поделени секој на своја страна, каде се затвораме и го губиме заедничкото.
Како што Скопје и општините ќе се развиваат и поврзуваат, така и луѓето ќе стануваат поотворени и поблиски еден кон друг.
Градејќи модерни и европски општини и главен град за сите, ќе изградиме и едно општество за сите. Затоа што тоа е единствената иднина на Македонија. И затоа што граѓаните на Македонија тоа го заслужуваат.
Почитувани граѓани,
Многу добро ја знам важноста на општините. 12 години и служев на мојата родна Струмица. Успесите кои ги остваривме таму се затоа што и јас и советот работевме во партнерство со граѓаните. Во отворен и постојан дијалог ги изработувавме буџетите, и се договаравме на што ќе ги трошиме парите на струмичани.
Општината беше отворена за секого и за секоја работа. Секој жител на општината кога ќе дојдеше беше ислушан и насочен на правото место за до го реши својот проблем.
Општините се најдиректниот учесник во секојдневниот живот на граѓаните. Нашите животи се буквално поврзани со општините, од самиот почеток, па до самиот крај.
Под општините се инфраструктурата, планирањето, градинките, училиштата, водоводите, комуналните претпријатија и што ли уште не. А како што ќе напредува децентрализацијата, така ќе се зголемуваат ингеренциите на општините.
Затоа сакаме да инвестираме максимум во секоја општина, за во секој дел на Македонија да има еднакви можности за развој, со можности за сите граѓани.
За да го спроведеме сево ова, ни треба тим. Ни требаат чесни луѓе, вредни, со искрени намери.
Почитувани граѓани,
Имам одлична вест за вас вечерва. Еве го тука тимот кој победува и кој носи нов живот во Македонија за сите!
Ова, позади мене, се способни луѓе, кои ги докажале своите капацитети и се почитувани во средините од кои доаѓаат.
Им го предавам целото мое искуство од локалната власт, каде јас самиот се искалемив како политичар, како управувач, како човек со голема одговорност кон луѓето од заедницата.
Зад нив стојам јас, стои целата централна власт и парламентарното мнозинство на Република Македонија.
Пријатели,
Со овој тим на 15-ти октомври ги заокружуваме промените кои носат живот во Македонија, за сите!
Пред малку го чувте мојот другар, мојот соборец за правда и слобода и идниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Ајде скопјани, ве повикувам да обезбедиме победа за Петре во првиот круг! Да го ослободиме Скопје од оние кои го урнисаа градот и им направија огромна горчина на граѓаните на Скопје.
Расипничкото самоволие кое го испраќаме во минатото, остави лузни и на градот и на граѓаните.
Се сеќавате на она „вистината е како шило“. Е излезе на површина. А на овие избори имаме уште едно шило. Тоа е вистината за Скопје, тоа е вистината за Никола Груевски, тоа е вистината за Коце Трајановски. Тоа е нашето шило – Шилегов! Новиот градоначалник на градот Скопје. На нашиот главен град.
Со Петре Шилегов, од 15 октомври, ги санираме штетите и се водиме од човечкото во нас, во дијалог и соработка, повторно да го издигнеме Скопје, и да го направиме модерен град со човечки лик, во кој ќе живееме убаво и квалитетно. Сите заедно.
И тие што се тука родени, и тие што како мене, тука работат, живеат или студираат, Скопје ќе биде град на сите и град за сите!
Петре Шилегов и советничката листа се тимот со кој вртиме грб на лошото време за Скопје. Заедно со новите градоначалници на скопските општини Саша, Златко, Курто, Стефан, Филип, Александар, Борче и Велимир го реализираме планот за живот во градот Скопје.
Убеден сум дека нашиот главен град повторно ќе го гледаме и ќе го градиме со гордост, и ќе може да се пофалиме дека тука живееме. И знам со овие избори Скопје си ја враќа солидарноста во својот град. Знам дека Скопје ќе дише чист воздух, тука не смее да има компромис, почитувани пријатели!
Покрај тимот за Скопје, овде вечерва покрај мене се и кандидатите за градоначалници и советници од цела Македонија.
Тука е мојот другар, кој ја носи победата во Штип, Благојче Бочварски. До него е и меѓу нас оваа храбра жена и мојата драга пријателка Миликије Халими, со која заедно отвораме ново поглавје во историјата на Арачиново. Ги оставаме лошите спомени од минатото и заедно градиме нов живот, и едно општество во Арачиново, и низ целата наша Македонија.
Тука е и Илија Јовановски од Прилеп, Сашо Поцков од Гевгелија, Николчо Илијев од Кочани, Живко Гошаревски од Ресен, Јован Стојаноски од Охрид…
Ќе ми простат другите што не можам денес сите лично да ве спомнам. Ама вие веќе добро ги познавате, и знаете какви луѓе се тие. Верувам во секој од нив и знам дека имаат капацитет и знаење да ги спроведат промените. Верувам во Кокан од Струмица, во Наташа од Битола во Максим од Куманово, во Филип од Кисела Вода, во Марјан од Василево, во Васко од Струга, во Јасмина од Могила, во Јордан од Карбинци, во Перо, во Анго, во Сашо, во Бетиан, верувам во сите нив идни градоначалници на општините во нашата убава Македонија.
Драги соборци,
Сега не е време да се опуштиме. Битката се уште не е завршена.
Она што остана од криминалниот режим на Груевски до петни жили се бори и се надева дека, преку градоначалниците што еден човек сака да ги контролира, ќе се одржи во живот.
Виде Груевски дека народот не му ја есапи новата ера, па замислете сред кампања измисли некои 13 точки. Без анализа, без стратегија, без размислување. Ни повеќе, ни помалку, 13 точки. Ај мајката. За да се совпаднат единствено со редниот број на изборите. Господ да чува и да брани. А од друга страна тие што се уште го поддржуваат Груевски се плашат бројот 13 да не им бил баксуз. А бре луѓе, не ви е баксуз бројот! Груевски ви е баксуз!
Затоа, почитувани граѓани, ајде да излеземе масовно следната недела, на 15-ти октомври, и да им покажеме дека Македонија ги надмина. Ги надмина и Груевски и неговите кандидати за градоначалници.
Во Македонија повеќе нема место за криминали, омрази и поделби. Македонија се крена, Македонија гласа за живот, Македонија оди напред!
Почитувани граѓани,
На овие локални избори одлучуваме за иднината на нашата Македонија.
Одиме напред и се развиваме како европска, просперитетна држава во обединета Европа или стануваме црна дупка на Балканот—сиромашна, поделена, и раскарана со сите.
Изборот е јасен како бел ден.
Затоа, повторно ве повикувам на 15 октомври масовно, сите да излеземе и да го дадеме својот глас за живот во Македонија. Немаме право на грешки, не смееме да оставиме друг да решава за нашите судбини.
Со пенкало во рака, без поделби, со кренати глави. Сплотени, заедно. Мирно и достоинствено, со нула толеранција за било какви нерегуларности – одиме во уште една демократска победа низ цела Македонија!
На 15 октомври заедно, конечно да ги заокружиме промените. Да гласаме слободно за да ги завршиме промените што заедно ги донесовме.
Заокружете го бројот 19 Живот во Скопје за сите! За Живот во Македонија за сите!
За да живеат селата во Македонија. За да живеат градовите во Македонија. За да живеат граѓаните на Македонија! За да живее нашата убава Македонија! Да живее Република Македонија.