Обраќање на Зоран Заев, претседател на СДСМ
Почитувани граѓани,
Еве не повторно заедно, исправени пред уште една историска одлука за нашата Република Македонија – да си потврдиме дека одиме напред, кон раст и развој.
Бидете горди и сигурни – Македонија e слободна и слободно живее!
И сега, мораме да продолжиме!
Промената мора да биде целосна, затоа што на Македонија и треба целосна слобода, економија, правичност и живот во секоја општина.
Вашите барања се јасни и јас ве уверувам дека нашите градоначалници ќе направат се да ги исполнат плановите кои ги создадоа за вас. Децата да бидат згрижени и да учат во топли и пријатни градинки и училишта. Граѓаните да се движат по квалитетни и асфалтирани улици и патишта. Да има канализација во секоја општина. Да има чиста вода за пиење до секој дом. Да дишеме чист воздух, затоа што нема слобода и живот без чист воздух. Секој да добие навремена услуга во својата општина.
Ве уверувам, сето ова брзо ќе се оствари. Дојде време на нова политика, во која зборот е збор, а гласот на граѓаните е најважен. Новата политика значи дека преку централната власт силно ќе ги поддржиме општините и граѓаните. Парите мора да одат на локално ниво, за да направиме општини по ваша мерка, општини кои работат за вас и кои ве поврзуваат.
Затоа, почитувани граѓани на Република Македонија,
Ајде заеднички во нова акција, сега во недела, на 15 октомври!
Знаеме како треба – со пенкало. Сите да излеземе и да го дадеме својот глас за живот во Македонија и во секоја општина.
Ајде да гласаме слободно за да ги завршиме промените што заедно ги донесовме.
За да живеат селата и градовите во Македонија!
За да живеат граѓаните на Македонија!
За да живее нашата убава Македонија!