Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, вечерва испрати писма до одговорните лица на порталот „Курир“ (www.kurir.mk), со барање да биде објавен демант со кој категоричнo се негираат изнесените лажни информации во текстот со наслов „Власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни работи“, и до одговорните лица на порталот „Република“ (www.republika.mk) за текстот “Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена“, исто така целосно исполнет со лаги.
Во демантот на Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев се истакнува дека, врз основа на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, објавен во Службен весник на РМ, бр. 143 од 14.11.2012 година, и врз основа на Член 6 од истиот Закон кој ја утврдува одговорноста за клевета, се бара повлeкување на текстовите објавени на порталите, на 19.10.2018 во 17:21 часот, на следниот линк: https://kurir.mk/makedonija/vesti/vlasta-pravi-zestok-pritisok-vrz-prate…, и на текстот „Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена“, објавен на 19.10.2018 година, во 18:19 часот, на следниот линк https://republika.mk/972019.
Во реакцијата од Претседателот на Владата Зоран Заев, е наведено дека овие текстови се лаги и клевети кои со ниту еден аргумент не ги потврдуваат наведените тврдења, и така како што се напишани имаат единствено за цел да шират клевети, навреди и невистини за премиерот Заев.
Текстовите во порталите се исполнети со невистини и како такви создаваат лажна слика и наведуваат на апсолутно неточни заклучоци со кои се нанесува свесна штета на угледот на Претседателот на Влада на РМ, Зоран Заев.
Барањето е овој демант да биде објавен во двата медиуми одделно, како и да биде објавено извинување и целосно повлекување на споменатиот текст, согласно Член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, се нагласува во реакцијата и барањето за демант Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.
Премиерот Заев за исполнување на правото на демaнт се повикува и на Членот 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во кој во ставот 1 од членот се вели дека „ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување“.
„Врз основа на истиот Член 14, и на неговиот став 2 ве повикувам демантот, придружен со извинување, да биде објавен веднаш, или најдоцна во рок од два дена од доставувањето на ова барање, и на истото место и во ист обем, како и медиумските содржини што се предмет на оваа наша реакција (Став 3, Член 14)“.
Дополнително како текстови на демантот барам да биде објавено ова мое барање во целост, без ниту една уредничка интервенција со насловите: „Категоричен демант на клеветите објавени во текстот со наслов ‘Власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни работи’“, објавен на вашиот портал“, за порталот „Курир“, и „Категоричен демант на клеветите објавени во текстот со наслов ‘Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена’, објавен на вашиот портал“, за порталот „Република“, пишува во барањето за демант на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.
Во писмената реакција до одговорните лица на порталите „Курир“ и „Република“ се истакнува дека доколку демантот не биде објавен во предвидениот рок, ќе следува Постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, согласно Член 19, Став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред надлежниот суд утврден со законот.