Заев до Dancers United: Ова што го правите е амбасадорски успех

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев се сретна со членовите на групата Dancers United, кои освоија златен медал на Светскиот куп во рамки на Европското првенство во Римини, Италија во 2019 година, како и први места на светското првенство во Полска и европското првенство во Италија во 2018 година. Со нив беа и нивни родители, тренери и ментори.

 

 

„Браво членови на Dancers United. Нашата земја и нашиот народ се горди на сите вас. Ова што вие го правите за промоција на државата е амбасадорски успех. Вие продолжете со вашите заложби, а сметајте и понатаму на мојата поддршка и на поддршката на Владата во сите ваши нови предизвици“, им рече премиерот Заев на членовите на групата, на нивните родители и на тренерите и менторите.

 

 

Премиерот Заев ги слушна убавите искуства од настапот во Римини, Италија. Тие соопштија дека членовите на Dancers United се веќе препознатливи и за европската и за светската јавност. При тоа изразена е посебна благодарност до премиерот Заев, до Кабинетот на премиерот и до Владата, за поддршката којашто придонесува во нивната презентација во светот, како и во мотивацијата, поради поддршката и признанијата што ги добиваат во својата држава.

 

„Во име на Владата на Република Северна Македонија, на танчерите од Dancers United доделувам Признание за ентузијазмот, трудот и упорноста со коишто членовите на оваа танчерска група успешно работат на инклузија на лицата со попреченост и за благородната цел – општество еднакво за сите“, соопшти премиерот Заев при врачување на Признанието.

И членовите и претставниците на Dancers United му дадоа на премиерот Заев Благодарница, за особен придонес за талентите и можностите на групата Dancers United.