Премиерот Зоран Заев во 1 часот по полноќ го доставил списокот на заменици министри до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Пратениците денеска на петтата пленарна седница ќе треба да ги именуваат предложените заменици министри.
Според предложениот список, техничкиот министер за внатрешни работи, Агим Нихиу, останува во МВР, техничкиот министер за финансии, Кире Наумов, ќе замине во министерството за економија, но како заменик-министер.
Јани Макрадули, кој во 2008 година беше потпретседател на Собранието и не беше дел од претходниот парламентарен состав, ќе биде заменик во Министерството за животна средина и просторно планирање.
За заменик-министер за одбрана е предложен Беким Максути, за заменик-министер за правда – Оливер Ристовски, во Министерството за надворешни работи заменик-министерка ќе биде Арта Точи, додека во Министерството за финансии – Ширете Елези.
На списокот на заменици се најдоа и Гоце Чакаровски, кој е предложен за заменик-министер за здравство, Висар Гани за образование и наука, Ремзи Мехмеди за транспорт и врски, Елми Азири за труд и социјална политика, Власте Димковиќ за земјоделство, шумарство и водостопанство, Дејан Павлески за локална самоуправа, Владимир Лазовски за култура и Александар Бајдевски за информатичко општество и администрација.
На пленарната седница има 21 точка на дневниот ред, а изборот на заменици е последна.