ЗАЕВ на МТВ: Поминати се сите линии на ликвидност во буџетот

Сподели

Премиерот Зоран Заев во интервју на МТВ со уредници на медиуми изјави дека се поминати линиите на ликвидност во државниот буџетот, оти во него нема 130 милиони туку 6 милиони евра, но оти е убеден дека новата Влада ќе ги сервисира сите обврски на државата и потребите на граѓаните.

-Поминати се сите линии на ликвидност во буџетот. Во државниот буџет нема 130 милиони туку 6 милиони евра, има се уште неевидентирани доспеани обврски кон државата за кои ќе треба период за да се соберат информации кои ќе им ги соопштиме на граѓаните. Тоа значи дека јавниот долг го поминал прагот од 50 проценти од БДП, затоа што има многу завршни ситуации кои не се фактурирани бидејќи ако ги фактурира деловната заедница ќе треба да плати ДДВ, а не знае кога ќе си го поврати. Мислам дека има скриен долг кој не е евидентиран во севкупниот долг на државата поголем од една милијарда. Ова е се уште логична информација. Министерот за финансии ќе излезе на прес-конференција и како што ќе ги добива информациите ќе и ги соопштува на јавноста. Ова не го кажувам за да го исплашам народот. Имаме добар менаџмент, ќе го изменаџираме целиот овој процес и Македонија ќе тргне напред.

Тој изјави дека мора да се постават темели на независно судство, ако сакаме да бидеме членка на ЕУ и да се движиме напред кон тие процеси.

-Реизборот не е крај на светот. Секој чесен судија нема потреба да се плаши. Секој што акумулирал и има скриено богатство на нечесен начин, не му е местото во судството. Не може еден судија да носи пресуди кои се политички мотивирани. Овој процес ќе го решават независни експерти ќе го решаваат тоа, слично како што тоа се случуваше во Украина и Албанија, рече Зоран Заев.

Медиумите треба да бидат критички настроени и коректори на извршната власт. Очекувам медиумите да си ја вршат својата улога, вклучително и националната телевизија МТВ.

-Македoнската телевизија ќе биде независна и финансирана од буџетот. Очекувам критички настроени вести, односно во оној дел каде што власта греши да се критикува. Јавноста треба објективно да биде информирана. Ние ветивме реформи во медиумите, а тие се однесуваат токму на ослободување од стегите во кои беа досега. Ако Заев, не го исполнил она што го ветил, јавноста тоа треба да го знае.