Кривичниот суд денеска донесе ослободителна пресуда за премиерот Зоран Заев за кривичното дело примање поткуп. Судијата Дарко Тодоровски од Основниот суд Скопје го ослободи Заев од обвинение.
Во читањето на пресудата судијата Тодоровски наведе дека обвинителството не успеало да докаже дека Заев додека бил градоначалник на Струмица сторил кривично дело примање поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.
Ослободителната пресуда за премиерот Зоран Заев не ја изненади опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека очекувале ваков потег на судот со оглед на тоа што Заев се заканил со генерален реизбор на судии како дел од реформите во правосудството. Опозицијата посочува дека ако се очекувала ослободителна пресуда во „Поткуп“, во „Тенк“ сега во среда се очекува осуда за поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Денешната судска пресуда не е правда. Денешната судска пресуда е неправда. Со денешната пресуда на дело се потврди неказнивоста на власта. Пораката што денеска се испрати гласи: Законите не важат за СДСМ, нивните функционери слободно може да бараат поткуп и да тонат во корупција. Пораката што денес се испрати е дека судот е политичка алатка за пресметка на СДСМ со неистомислениците“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ