Премиерот Зоран Заев попладнево во 16:30 часот во Собранието ќе има нова средба со Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на која ќе се разговара за нацрт-амандманите на Уставот што Владата што до утре треба да ги достави до Собранието, како и за формирањето кординативно тело за помирување.
На првата консултативна средба, што се одржа во понеделникот, беше разговарано за сите четири точки од барањето на пратениците од опозицијата, кои го поддржаа отпочнувањето на процесот за измена на Уставот.
– Темата на денешната консултативна седница беше постапката на изготвувањето на нацрт-амандманите. Разговараме токму за оние први три точки од вкупно четири коишто беа испорачани до мене како претседател на Владата и до Владата како правно формални изготвувачи на нацрт-амандманите, да бидат вградени токму оние елементи коишто исто така се важни за нив. Можам да констатирам дека во тој дел на дебата изнајдовме конкретни насоки коишто ни беа дадени за нас како изготвувачи на нацрт-амандманите – рече Заев по понеделничката средба.
На средбата станало збор и за формирање кординативно тело за помирување во кое тројца членови би биле од новата пратеничка група, како и координаторите од другите пратеничките групи.