Заев: Пораките на Хан се јасни – процесите мора да се забрзаат

Сподели

– Пораките на еврокомесарот и на европратениците се јасни како бел ден, процесите мора да се забрзаат, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и со европратениците, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.

Заев истакна дека остануваат на барањето претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да му го додели мандатот за состав на новата влада.

– Ние ќе ги отстраниме сите пречки што Иванов ги измислува и ги поставува, ќе му доставиме преку Собранието барање повторно да го додели мандатот. Тој не смее повеќе да го сопира процесот на стаблизација на државата. Остануваме на нашето барање Иванов да го даде мандатот – рече Заев, додавајќи дека очекува од сите политички партии да покажат чувство за надминување на кризата.

Лидерот на СДСМ рече дека еврокомесарот Хан и европратениците се подготвени по формирањето на новата влада да помогнат во забрзувањето на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.

Заев истакна оти е убеден дека до крајот на неделата ќе се одржи конститутивната седница и Собранието ќе продолжи со работа, а дека сè друго ќе значи „банализирање и барање изговори од страна на ВМРО-ДПМНЕ“.

– Нè „дриблаа“ дека некој е на пат, па не може да дојде на координација, па беше проблем бројот на членови на комисија, па сега бараат претседател на комисија. Нека ги кажат на пленарна седница своите аргументи, ние своите, па со гласање ќе одлучиме. Потоа ќе преминеме кон избор на претседател на Собрание. Нема да дозволиме некој постојано да се вади и да измислува и да ги блокира процесите. Имаме трпение, но одлуки мора да се носат – изјави Заев по средбата со Хан.

По средбата со Заев, еврокомесарот треба да се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Претходно Хан и тројцата европратениците имаа средби со лидерите на ДУИ, на Беса и на Алијанса за Албанците, Али Ахмети, Билал Касами и Зијадин Села.

meta.mk