Премиерот Зоран Заев, вчера по лидерската средба во резиденцијата на претседателот Стево Пендаровски одговараше на новинарски прашања.
Колку ќе трае техничката Влада, колкав мандат ќе има и дали размислувате кој ќе дојде на Ваше место?
– Секако, за тоа ќе правиме дополнителни консултации. За мене е прво важно, вечерва одам на консултации со коалиционите партнери, да можам да ги образложам сите тие детали, или вака се разумни за сите, треба и коалиционите партнери да дадат поддршка за оваа работа. Истовремено, стоте дена Влада важат. Ако ги сметаме наназад, тоа доаѓа некаде пред јануари, во делот на поставеноста согласно Законот, а истовремено, она кое што исто така е важно, по пат на дискусии внатре во Социјалдемократскиот сојуз со коалиционите партнери да утврдиме премиер, којшто ќе ја води таа техничка Влада, од 3-ти јануари се до формирањето на новата Влада.
Што станува со пописот?
– Пописот беше планиран да се заврши оваа пролет, ќе разговараме дека пописот треба да остане 2020 година. Тоа е мојот став, можеме да го завршиме по изборите, ако е Државен завод за статистика подготвен и пред изборите тоа да се заврши. Пописот треба да биде завршен како процедура. Овде не го разговаравме во детали пописот, заради тоа што едно сме согласни сите, еве 17 години ние немаме попис како држава, од 2002 година. Важно е, ден поскоро да го имаме пописот, заради причините зошто се прави попис, а тоа е за спроведувањето на сите економски политики, рамномерниот регионален развој и.т.н.
Во врска со Изборниот законик, премиерот Заев пред новинарите изјави:
– Имаме време дотогаш и да направиме промени на Изборниот законик. Се согласивме сите дека препораките на ОБСЕ и ОДХР треба да ги вградиме внатре. Јас верувам дека тоа ќе го направиме. Отворивме дискусија и за изборниот модел. Некој сакаат да разговараат за изборниот модел, некои не сакаат, но ваквиот датум ни дава можност и да разговараме за изборниот модел. Јас како претседател на најголемата политичка партија во државата, останувам на ставот дека државата треба да прави исчекор кон демократизација на процесот. Уште еднаш напоменувам за Социјалдемократскиот сојуз е прифатливо една изборна единица како изборен модел, а исто така е прифатливо и отворени листи. Сакам да ги слушнам помалите политички партии заради тоа што многу често поголемите се собираме и не е чесно само ние да одлучуваме. Имав состанок со нив, тие се за една изборна единица, верувам дека државата ќе смогне капацитет да направи исчекор кон поголема демократизација преку избирачкиот процес односно изборниот модел да го зајакнеме плурализмот во државата преку Парламентот.