Прославата што е најавена за утре во повеќе градови низ Македонија, во врска со врачувањето на поканата на Македонија за почеток на преговори за членство во НАТО, за премиерот Зоран Заев е многу вредна и има за цел „да се одбележи децениската аспирација на Република Македонија“.
Тој појасни дека прославата се организира со одлука на Влада, дека концептот значи децентрализација, различна и квалитетна музика во многу градови, богата културна програма и според него ќе чини колку две театарски претстави што ги финансира државата.
– Трошоците се од буџетот, а вклучуваат ставки за бина, озвучување, осветлување, надомест за музичарите, промоција – рече Заев и додаде дека службите за односи со јавност веднаш ќе ја објават висината на трошоците откако ќе ги имаат целосните информации од сите субјекти кои се вклучени во настанот.
Премиерот апелираше до опозицијата да престане да сее омраза пред демократското мнозинство во Македонија.
– Македонија заслужи да прослави, затоа ја повикувам опозицијата да им честита на граѓаните и да престане да врши притисок врз музичарите кои на најтранспрентен и чесен начин учествуваат во прославата. Опозицијата треба да се одважи да ја поддржи македонската иднина и да се откаже од сеење омраза, затоа што дури и музичарите и групите низ Македонија се граѓани кои ќе го соопштат својот став на самиот референдум – порача премиерот.