-“Решението кое што го постигнавме со Грција е тешко, тешко е за мене, тешко е за мојот народ, но европската аспирација и нашата должност кон идните генерации се премногу големи”, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Еуроактив“.
На прашањето дали опозицијата ќе го отежни имплементирањето на Договорот, Заев вели дека таа е контрадикторна односно истовремено е против измена на Уставот но е за членство во НАТО и ЕУ.
-“Ако сме за НАТО и ЕУ, треба да бидеме подготвени за компромис. Во почетокот и јас посакував да нема потреба да се менува Уставот. Но, со моќта на аргументите за време на разговорите, стана јасно дека таквата позиција ќе создаде нови проблеми.Ние сакаме еднаш засекогаш да завршиме со проблемите. За да можеме да градиме пријателски односи и да склучуваме договори во корист на нашите две земји и на нашите два народи, и затоа беше направен компромисот. Грција доби ерга омнес за името, ние добивме ерга омнес за идентитетот. Истовремено, се гарантира идентитетот на Македонците што живеат во Грција, ова е јасно поставено. И во овој поглед, јас сум задоволен што имаме праведна и правно здрава одлука – вели Заев.
Тој во интервјуто ја споредува македонската опозиција со грчката опозиција и вели дека тие се многу слични, прават врева, организираат протести, користат навреди односно имаат исти тактики, но сепак убеден е дека кај опозицијата ќе преовладаат здравиот разум, љубовта кон татковината и перспективата на државата.