Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со претставници на Сојузот на Борците од НОВ.
Присутните, го запознаа премиерот со проблемите со кои се соочуваат поради немање соодветен простор и финансии за одржување на нивните секојдневни активности, кои се насочени кон враќање и продолжување на традиционалните вредности и стремежи, кои како порака ги пренесува НОВ.
Премиерот Заев искажувајќи разбирање за проблемите, го нагласи значењето на Сојузот на борците од НОАВМ и истакна дека државата е должна да се грижи младите луѓе во Македонија да се воспитуваат во духот на почитувањето на историските вредности.
– Ние како Влада, сме должни да оддаваме почит кон тие што се заслужни за создавањето на нашата држава и да ја почитуваме таа генерација, учесници во НОВ, како еден од најзначајните периоди во историјата на Република Македонија – рече премиерот Заев на средбата со претставниците на Сојузот на борците од НОАВМ.
Истовремено, премиерот Заев повтори дека во Буџетот на РМ се предвидени средства за Сојузот на борците, додавајќи дека тоа ќе се прави и во иднина, додека за просторот се разменија неколку мислења за да се најде соодветно решение.
– На нашите средби разговараме за дневните и државните политики, отвораме дебати, ве поддржуваме во напорите да изнајдете решенија за надминување на проблемите и за остварување на стратегиските интереси, како што се евро-атлантските интеграции – му порачаа присутните на претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.
Премиерот Заев оцени дека граѓаните на Република Македонија благодарејќи на борците од НОВ, ја добија својата држава и тоа ги задолжува идните млади генерации да бидат поддржувачи на оваа организација за да ја чуваат и унапредуваат традицијата и заветот.