Премиерот Зоран Заев од вечерва во официјална посета на Република Турција. За време на посетата ќе има средби на највисоко владино и државно ниво, а ќе се сретне и со претставници на бизнис заедницата во Турција.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев ќе биде придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР Виктор Димовски.
Утре премиерот Заев ќе биде пречекан од страна на претседателот на Владата на Република Турција, Бинали Јилдирим, а потоа двајцата премиери ќе имаат тет-а-тет средба по што ќе следува и средба на делегациите од Македонија и Турција. Јилдирим и Заев ќе одржат и заедничка прес-конференција.
Во текот на денот, премиерот Заев предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието на Република Турција Исмаил Кахраман и со претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган.