Владата на 25-та седница ја донесе и Уредба со законска сила за примена на законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба со следните одредби:
Член 1
Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04; 139/08; 99/09; 149/14; 150/15 и 37/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За видот на болеста која се пренесува од човек на човек за која при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин), за лицeто на коe му се одредува строга изолација (карантин), за одредување на мерката строга изолација (карантин), за објектите за спроведување на мерката строга изолација (карантин) и за местото и за времетраењето на примена на мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Член 2
За заболени од заразната болест коронавирус COVID-19, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови или во здравствена установа, за што одлучува здравствен работник по извршена проценка на тежината на клиничката слика.
На лице кое било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус COVID-19 се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација) во времетраење од 14 дена, за што лицето потпишува писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе ја почитува мерката, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение.
Доколку лицето од ставот 2 на овој член не ја применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата на Република Северна Македонија, за што Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение.
На лице кое влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, а патува од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објектите од став 3 на овој член.
Член 3
За времетраењето на мерката строга изолација (карантин), лицето не смее да ја напушта просторијата во која е сместено.
За безбедноста на објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, за спроведување на мерката строга изолација (карантин), се грижат Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана- Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат влезните пристапи во објектот, а доколку објектот е на катови ги обезбедуваат и сите катови.
Припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана-Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, во кои се спроведува мерката строга изолација (карантин), задолжително носат заштитна опрема.
Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата кои влегуваат на граничните премини во Република Северна Македонија, а патуваат од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, се надоместуваат од средства од Буџетот на Република Северна Македонија.
Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата на кои не ја почитувале мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), се надоместуваат од страна на тие лица.
Член 4
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во вршењето на инспекцискиот надзор заради отстранување на утврдените неправилности има право и обврски да поднесе кривична пријава против лицето од член 2 од оваа уредба со законска сила на која се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови, во здравствена установа или во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, доколку тоа своеволно го напушти карантинот пред истекот на неговото времетраење.
Доколку за лицето од став 1 на овој член се определи мерка притвор, истата се спроведува во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила.
Член 5
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
На оваа седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои и Информацијата за расположливи сместувачки капацитети за ставање на лица во државен карантин во хотелските и сместувачките капацитети во сопственост на државата, како и за сместувачките капацитетите во приватните компании што ги ппонудија своите хотели за згрижување на граѓаните.
Владата денеска ја разгледа и редовната информација за извршени дневни инспекциски надзори за спроведувањето на мерките и препораките за спречување на ширењето на коронавирусот.