Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да расправа по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2020 година, во прво читање.
Како што стои во предложениот текст, согласно Законот за државната статистика и Петгодишната програма за статистички истражувања 2018 – 2022, Државниот завод за статистика во април 2020 година треба да го спроведе деветтиот Попис на населението, становите и домаќинствата на територијата на Република Северна Македонија.
Транспарентност на процедурите и постапките при спроведувањето на Пописот, неутралност и објективност во сите фази од процесот, стручна независност на надлежните органи и користење научни основи во методолошкиот пристап и подготовката на резултатите, како и доверливост и заштита на индивидуалните податоци, се целите и начелата на законот што се предлага.
Според Предлог-законот, се предвидува дека за Пописот ќе бидат потребни 522.751.000 денари од кои 221,315,000 за 2019 година и 301,436,000 за 2020 година. Финансиски импликации врз државниот Буџет ќе има и во 2021-ва (за прибирање, обработка и печатење на податоците од Пописот и нивно дисеминирање), но во предложеното законско решение не пишува колкава сума треба да се проектира.
-Државниот завод за статистика (ДЗС), како национален координатор на статистичкиот систем во земјaта, во целост е исправен пред обврската што поскоро да спроведе Попис на населението, домаќинствата и становите, со што би се надминала празнината настаната поради фактот што Пописот во 2011 година беше прекинат и не беше реализиран. Вообичаено е пописите да се спроведуваат на секои 10 години, и тоа во годините кои завршуваат на нула или еден. Последниот Попис на населението, домаќинствата и становите во земјава беше спроведен во 2002 година. Во 2011 година почнатиот попис беше прекинат со одлука на Владата, наведува Предлог-законот.
Во изминатиот период државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година.
На денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања е и Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година.