Замрзнување на цената на лебот до 33 денари и укинување на субвенционираната енергија за потрошувачи од прехранбената индустрија

Сподели

 

Владата на 132-та седница донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало. Со оваа одлука се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на леб, бел и полубел (сечен на парчиња, или цел).

Највисоките цени на производите, според предлогот од Министерството за економија, се утврдуваат во висина на цена којашто изнесува 33 денари по леб, со тежина којашто изнесува 450 грама и повеќе, а со тежина под 450 грама, се утврдува висина до 33 денари по леб, односно цена што ќе биде во сооднос со тежината на лебот.

Вака утврдените највисоки цени на производите, со оваа Одлука е предвидено да се применуваат до 31 мај 2023 година.

Во образложението од Министерството за економија е посочено дека, во најголем дел, производителите на пекарски производи, веќе три месеци се корисници на субвенционирана струја, а намалувањето на цените на белиот леб не е на соодветно ниво, поради што е оценето дека треба да има ограничувања на цени на посочените видови леб.

Владата донесе и Одлука за престанување на важењето на Одлуката за преземање на мерка во услови на постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.

Со оваа одлука, престанува да важи Одлуката за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.232/22 и 247/22). Оваа одлука беше донесена на седница на Владата одржана на 30 октомври 2022 година и со неа се овозможи одредени потрошувачи на електрична енергија, физички и правни лица, од областа на прехрамбената индустрија, во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, да можат да склучат договори за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба ДООЕЛ, Скопје по цена од 80 евра/MWh, заради заштита на животниот стандард.

По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат, според информацијата од Министерството за економија, иако потрошувачите добиваа субвенционирана електрична енергија, тие не ги намалиле цените на своите производи, или ги намалиле незначително, иако дополнително, цените на берзите на електрична енергија во регионот имаа своевиден пад.

Одлуката на Владата за престанување на важењето на Одлуката за преземање на мерка во услови на постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.