Премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и целокупниот состав на Владата се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните, вели портпаролот Миле Бошњаковски по повод шпекулациите кои се појавија викендов дека преговорите со Грција за името пропаднале.
Исто така и портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос изразува оптимизам дека македонскиот премиер ќе го направи „решителниот чекор“ и ќе се постигне договор.
– Преговорите, но и политичката одлука за решавање на спорот со името не се лесни. Господинот Заев треба да размисли за сите аспекти и да преземе голема одговорност кон неговите сонародници, нешто за што сум сигурен дека ќе го стори. Ако некои во политичкото раководство на ПЈРМ сакаат да ја поткопаат можноста за изнаоѓање решение, не е нешто што би можел да го знам. Но, оптимист сум дека на крај господинот Заев ќе го направи решителниот чекор и ќе стигнеме до договор – вели Ѕанакоппулос.
Тој додаде дека и Заев и Ципрас знаат дека решението е „неопходен предуслов за иднина на солидарност и соработка на Балканот“.
И двете страни не ја потврдуваат информацијата дека денеска се очекува телефонскиот разговор помеѓу двајцата премиери.