ЗАПАДНО-БАЛКАНСКА УНИЈА – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Не им доаѓа умот

Аристократска дама му се обраќа на славниот композитор Gioachini Rossini: „Дали е вистина дека фосфорот од месото на рибата ја зголемува човечката интелигенцијата ?“„Да секако“ – без да размисли многу, одговорил композиторот. „Но, која риба би ми ја препорачале мене“- продолжи дамата. „Па треба да изедете цел кит“- одговорил композиторот.

Груевски ќе се врател на власт! Тоа се доживува како комедија кај луѓето, а веројатно како трагедија кај него! Секој има толкава суета колку што му недостасува здрав разум. Тричко има шанси да спие со Моника Белучи, ама Груевски пак да биде власт ниту во сон. Челниците на ДПМНЕ веројатно мислат дека овдешните луѓе никогаш немаат пробано риба. Голем проблем е што минатата власт била во тесна коалиција со ѓаволот. А ѓаволот може да го нуди само пеколот. Додека ѓаволот го влече лидерот накај дното на пеколот, целата негова структура е нафрлена да го спаси, несвесни дека и тие веќе тонат заедно со него. Нивните пратеници наместо да им се приклучат на реформистите кои сигурно ќе станат важни фактори, тие продолжуваат да и измеќарат на фамилијата, која и десет кита да изеде, умот не им се враќа. А другите како да не сфаќаат дека лошо не се прави само со чинење лоши дела, туку и со индиферентност кон нив.

Сега бараат итно зачленување во НАТО и ЕУ! Бараат домаќинско трошење на парите, департизирано судство, професионална администрација, слободни медиуми! А додека владееле, желбите им биле во голема диспропорционалност со елментарната логика. Тука рибата не помага, изгледа ќе треба да бараме врвни невропсихијатри. Да се однесувате толку расипнички, насилнички и уништувачки со народните пари, и да се повикувате на домаќинлак, е тука е потребна сериозна терапија. Предлагаат „здрави“ политики, а тие со политиката како магарето со музиката. Да „ждерете“ или перете дневно по 800 евра (дури тоа го правел третиот ешалон, а да не зборуваме за првиот и вториот), и да се нарекувате „домаќини“ е исто како да работите во јавна куќа и да се нарекувате невини. Значи, ние не сме имале само заробена држава туку силувана и ограбена држава. Сега гледаме како странските леарници ги плаќале три пати повеќе од домашните понуди. Го рекетирале скоро секој бизнис, преземале акции, па и цели фирми, уништувале животи и судбини, и сето тоа го продавале како патриотизам!

Сега се фаќаат за договорот со Бугарија, кој наводно задира во идентитетски прашања. Но, првата работа е што, вистинскиот идентитет ни војните не можат да го загрозат, а да не зборуваме за обично парче хартија. А втората работа е – тешко на тој идентитет што го брани една тешка криминална банда! Водачите се за да решаваат проблеми, а не да ги злоупотребуваат. Практиката, подалечната и сегашната, покажува дека по решавањето на некој навидум чувствителен проблем, често во реалноста ништо посебно не се случувало, па луѓето се прашувале каде исчезна проблемот!? Политичките манипуланти редовно проблемите ги предимензионираат за да го заматат умот на луѓето, а целта им е тешкиот криминал. За нормалното владеење, Тибетанците велат – подобро да запалите една мала светилка, отколку цело време да го преколнувате мракот. А вмровците водени од логиката – ако не можеме и понатаму државата да ја крадеме, барем да ја задавиме – продолжуваат да го блокират парламентот за да спречат нов обвинител, оти лесно може да се случи наместо на кандидатска листа да се најдат на некоја друга листа. А Зврлевски пред самата профеионална смрт дозволува да го влечкаат ризикувајќи констатација на „свесност“ во игнорирањето на многуте криминални постапки. Тешко сфаќа дека го сметаат за мртовец кој сеуште не е закопан.

 Спасување од тотална хаварија

Сега по 11 години лутање по опасни води, бродот Македонија зазема јасен курс. Загубивме многу години (требаше во 2011 да станеме полноправна членка на ЕУ, со привремето име согласно Спогодбата од 1995). Загубивме многу способни млади кадри. Загубивме морал и достоинство. Загубивме развој и многу пари. Добивме само лаги и измами. Сега водството на државата е почитувано и на многу начини им се помага. Претседателот на владата сега ги има отворено сите врати. Неодамнешниот телефонски  разговор на Заев со американскиот потпретседател кој пренел и поздрави од Трамп, се ретка појава за наши услови. Мислам дека буквално преку ноќ ги зголемија симпатиите во светот, а и поддршката со тоа. Сега сме на прагот на потпишување на взаемен договор за добрососедство со Република Бугарија, договор кој треба да се поздрави, и со кој ќе добиеме уште една силна соседна поддршка за Евроатланските интеграции што е многу значајно. Тоа ќе ги натера и Грците да попуштат оти ќе останат осамени. Надвор од умот е тој договор да го критикуваат едни што државата ја претворија во Хирошима по атомската бомба. Тоа можеби ни била божја казна која се случува еднаш на 1000 години или можеби тоа бил историски дефект. И главата на тој дефект сега бара 20 телохранители за да го штитат од својот народ. Гледано историски, на Ное му се случи потоп, на Помпеја и се случи уништувачкиот Везув, на Титаник му се случи тонење, на Индонезија цунами, а нам изминатиот режим. Но, борбата за правда за слабите е недостижна, за плашлиците е непозната, а за храбрите е предизвик и шанса.

Западнобалканскиот пазар

По Трст како дел од „Берлински процес“ каде што главна тема била воспоставувањето заеднички пазар за државите од западен Балкан, видно се заоштрија полемиките. Од тоа дека тоа е општ регионален интерес, до тоа дека тоа нешто е некорисно ама дека никој не се осмелил на Меркел да и каже НЕ. Едни српски аналитичари се на мислење дека при услови на таква „унија“, Косово и од самата Србија ќе биде признато како држава. Но, дека и видно би се намалило руското влијание. Водството на Република Српска е против таквата унија оти тоа би значело крај на нејзините аспирации за рушење на БиХ. Албанија дава поддршка оти ќе биде меѓу релевантните фактори на унијата. Таа очекува силен развој на инфраструктурата и туризмот. Косово е против, оти мислат дека главниот збор таму ќе го имаат Србите, а и нејзиниот буџет се полни од царините што при услови на заеднички пазар видно би се намалиле. Македонија како да дава начелна поддршка, ама сеуште нема пресметка колку добива од тоа. И Црна Гора дава поддршка иако владее мнението дека тие се многу понапред во регионот и дека таквата унија би го успорила брзото зачленување во ЕУ. БиХ дава силна поддршка, оти тоа ја спасува од распаѓање.

Заедничкиот пазар на земјите од западен Балкан и до сега функционираше во рамките на ЦЕФТА како слободна трговија, но сега пазарот целосно се отвора. Трговските субјекти од која и да е држава членка имаат исти услови во целата унија како и домашните субјекти под еднакви услови. ЦЕФТА помогна извозот во рамките на сите држави членки, да порасне дури за 75 проценти. Според ММФ, вкупниот домашен производ на овие  држави достигна 243,5 милјарди долари. Пазарот ќе го сочинуваат околу 20 милиона жители, и тоа е примамливо и за странските инвеститори вклучително и за мултинационалните компании. Тука видно би се намалила невработениоста, бегањето на талентите, би се вовеле заеднички стандарди, би се зајакнала конкурентската способност итн. Исто така со отстранувањето на трговските бариери државите ќе имаат појак настап на европските пазари. А истовремено видно би се подобрила безбедносната состојба во регионот кој е талентиран за омраза и војни и каде што зборовите многу повеќе оддалечуваат од километрите.

Стравовите се без основа, оти таквиот пазар нема да има свои органи (парламент, влада, судство итн.), туку спогодбата би ја имплементирале домашните органи на секоја држава. Надвор од умот е да се мисли дека тука се губи суверенитетот или се создава некаква нова Југославија. На крајот од краиштата, таквата унија би била привремена се до зачленувањето на државите во ЕУ кога по автоматизам би згаснала.