Започна полагањето на државната матура

Сподели

 

Денеска успешно започна полагањето на државната матура во учебната 2022-2023 година. Вкупно 15.620 пријавени ученици го полагаат првиот и задолжителен екстерен испит по мајчин јазик, а следниот ќе се одржи на 10 јуни и најдоцна до 10 јули ќе бидат објавени прелиминарните резултати по кои ќе има можност за приговори.

За ова информираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири при денешната посета на средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга, од каде на сите матуранти им посака успешно полагање на државната матура и како што рече, понатамошна реализација на образовните и животните цели кои ги имаат зацртано.

„Ги запазивме првично утврдените термини со кои учениците беа запознаени, а за кои имаше дилема во јавноста дали ќе бидат испочитувани. Така што, процесот се спроведува навремено, што е од особено значење за матурантите, за да можат да го продолжат своето високо образование, аплицирајќи на некоја високообразовна установа во соодветните рокови, или пак, да ја добијат дипломата и да се вклучат на пазарот на трудот“, рече Шаќири.

Информираше дека поради губењето на часови во средните училишта во неколку наврати во оваа и претходните учебни години, како резултат на повеќе причини -пандемија, штрајк на наставници и лажни заканувачки дојави, МОН и Државниот испитен центар донесоа неколку одлуки за олеснување и прилагодување на процесот.

„Материјалите за интерните испити и банките со прашања се споделија четири недели пред интерниот испит со број на прашања 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот. На универзитетите им се препорача првиот екстерен испит да биде соодветен на сите студиски програми, а се препорача и промена на соодносот на поените меѓу екстерните и интерните испити при упис, во корист на интерните. Исто така, понудивме и намалување на обемноста на тестот по мајчиниот јазик, кој ќе носи од 60 до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени“, истакна министерот за образование и наука.

Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Северна Македонија учениците полагаат 2 екстерни и 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажираат околу 2000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи  и како што рече Шаќири, со оглед на тоа што се работи за вообичаен процес што се спроведува како задолжителен од 2008 година, не се очекуваат проблеми во текот на полагањето.