Градоначалничката Данела Арсовска денеска изврши увид во уредувањето на новата Ботаничка градина каде што интензивно работат екипите на скопските ЈП „Улици и патишта“ и ЈП „Паркови и зеленило“. Новата Ботаничка градина се уредува во рамки на Зоолошката градина и се простира на 12.600 квадратни метри, каде ќе бидат засадени повеќе од 4.600 уникатни дрвја и садници, ќе се постави нова урбана опрема, видиковци и бројни други содржини за посетителите.
– Ботаничката градина ќе биде ново зелено катче за одмор и рекреација на посетителите, но и за прикази на ретки или необични растенија, едукативни часови од ботаничари, хортикултуристи и градинари, како и настани за најмладите генерации. Овој претходно празен и неуреден простор ќе биде природен спој меѓу Зоолошката градина и Градскиот парк, а нејзиното уредување ја збогатува нашата понуда во рамки на кандидатурата на Скопје Европска престолнина на културата 2028 – истакна денеска градоначалничката Арсовска.
Уредувањето на градината се одвива етапно во фази, екипите на ЈП „Улици и патишта“ работат на изградба на пешачките патеки, додека екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ поставуваат хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.
Во градината ќе се засадат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови – растенија донесени однадвор. Ќе се засадат и ендемични растенија кои што се специфични само за Македонија.
Уредувањето на Ботаничката градина е дел од низата проекти од програмата „За Модерно Скопје“ за подигнување на нови зелени површини во градот, кои се реализираат со цел зачувување и унапредување на животната средина, затоа што Скопје и неговите граѓани заслужуваат модерни и еколошки содржини кои ќе придонесуваат за унапредување на животната средина.