АНКАРА (АА) – Започнаа средбите со делегацијата на САД, која пристигна во Турција во врска со испорачувањето на лидерот на терористичката организација на ФЕТО, Фетула Ѓулен, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите на дописникот на АА, во врска со испораката на лидерот на ФЕТО, вчера, во доцните вечерни часови во Анкара пристигнала четиричлена делегација на САД, составена од тројца претставници од Министерството за правда и еден претставник од Министерството за надворешни работи.
Делегацијата на САД во утринските часови ги започна своите средби со надлежните од Генералниот директорат за меѓународно право и надворешни односи при Министерството за правда на Турција.
Во рамките на средбите со министерската делегација кои ќе траат два дена, ќе бидат презентирани информации во врска со четирите одделни документи кои им беа испратени на САД во врска со испорачувањето на Ѓулен. Од друга страна, одговорните од Министерството за правда на своите соговорници од амерканската делегација ќе им презентираат важни докази околу обидот за државен удар од 15 јули во Турција, кој бил спроведен под команда и контрола на Фетула Ѓулен.
– Комуникација меѓу Турција и САД во врска со испорачувањето –
По обидот за државен удар на 15 јули од страна на ФЕТО, Владата на Турција до САД испрати барање за „итно апсење и екстрадиција” на лидерот на организацијата ФЕТО, Ѓулен, кој престојува во САД.
По ова барање, Министерството за правда на САД испрати писмо до Министерството за правда на Турција во врска со неговата екстрадиција.
Министерството за правда на САД во своето писмо предложи да биде формирана делегација од турското министерство за правда која ќе ги посети САД, или делегација од министерството за правда на САД да ја посети Турција.
Министерството за правда на Турција во својот писмен одговор на САД им предложи прво делегацијата од САД да дојде во Турција, а потоа делегација од Турција да замине на средби во САД.
Американската страна го прифати предлогот на Турција и објави дека ќе испрати своја делегација во Турција.